ЕДУИНО Ран детски развој: Нов отворен повик и платформа за објавување на вашите креативни активности и изработки преку нашата нова функционалност “Додај активност“ (до 15.2.2022)
Која е новата платформа?
ЕДУИНО – ран детски развој е платформа која е отворена, бесплатна и достапна за сите. Истата е резултат на посветеноста на ЕДУИНО-заедницата составена од безброј наставници, воспитувачи, родители, советници, програмери, дизајнери и креатори кои одвоија дел од своето време со цел колаборативно да создадат подобра иднина за идните генерации ученици. Платформата во моментов е во иницијална фаза и се очекува истата да расне и да се подобрува со вашето учество и драгоцен фидбек. На платформата во текот на наредните неколку месеци ќе бидат објавени и достапни над 400 активности кои беа креирани од над 500 одделенски наставници, воспитувачи, специјални едукатори и родители ширум државата, служејќи како главно место за инспирација и извор на креативност за вашиот следен час и/или активност!
За какви активности станува збор?
Едукативните активности за учење преку игра се фокусирани на развојните потенцијали на децата и ги стимулираат когнитивните, социоемоционалните и физичко-здравствените капацитети. Во овие активности, играта е доминантна стратегија за учење, која влијае врз развојот на сите аспекти на развојот почитувајќи го холистичкиот пристап. Постојат повеќе видови на игри: дидактички, симболички, истражувачко-откривачки, јазични, сензомоторни, социјални, емоционални, конструктивни, манипулативни итн. Овие едукативни игровни активности ќе му овозможат на детето да учи на еден забавен начин и да биде активен учесник во креирање на своето знаење, формирајќи го својот поглед кон светот.
Прочитајте го целосниот отворен повик на следниот линк
За кого е наменет овој повик?
Повикот е наменет за сите едукатори на деца од 3 до 10-годишна возраст, вклучувајќи: воспитувачи, наставници, стручни соработници, специјални едукатори и сл. Активностите може да се подготват во тим или индивидуално.