Почитуваниот проф. Мирослав Грчев, како и повеќе други граѓански активисти, жестоки критичари на власта, во својата колумна (“Ропскиот одраз во огледалото на реалноста”) разочаран од млаката и помирлива реакција на народот кон последната налудничава владина одлука за ново застрашувачко задолжување на државата, причината ја побара (во моја послободна интерпретација), во неговиот менталитет, да трпи и офка дури и кога некој душата му ја вади низ нос. Нешто слично како и досетката за кубурата на нашиот Трпе, Трајче и Бајче, што ја носеле под појас во случај да дојде до зорт-заман.
Притоа, направи споредба со неодамнешното донесување на еден предлог-закон од сферата на работните односи во Франција, кој што далеку побениген од метастазите со кои е зафатена македонската економија, предизвика лавина од улични протести и демонстрации во целата земја.
Веројатно ќе се запрашате и вие: навистина ли нашиот народ, со својата бескрајна трпеливост и толерантност кон многубројните злодела што му ги нанесе сегашниов режим, ја загубил “свеста за самопочит” и стигна до степен на “несебепрепознавање”? И на што се должи таа негова индиферентност кон сопствената судбина, во околности кога сите сме свесни дека таа станува драматично неизвесна, ако не и безизлезна?
Од аспект на историските факти доаѓаме до сосема поинакви констатации: македонскиот човек се одликува со висок борбен дух, храброст, непокорност, правдољубивост. Речиси да нема европски народ кој што се борел во толку буни и востанија против неговите поробувачи, како што е тоа со македонскиот. Само во минатиот век тој непрекинато војувал пет децении, почнувајќи од Илинденското востание, двете балкански војни, Првата и Втората светска војна (создавајќи своја стоилјадна ослободителна војска) па, се` до Граѓанската воја во Грција (1945-49), со 15.000 активни борци и со околу 20.000 организирани позадински учесници. Народната епика, како ретко која друга, има опеано подвизи на стотина јунаци и народни херои, паднати за слободата на својот народ и својата земја. Впрочем, сите негови борбени прогласи повикувале на спротивставување на тиранијата и деспотизмот, за човечки права и човечко достоинство!
Тогаш, како можеше да се случи по толку години слободна и независна македонска држава, уставно прокламирана како граѓанска и демократска, пред очите на тој народ, да се изроди еден систем кој што по сите демократски параметри е означен како нечовечен, авторитарен, криминално загаден? Уште полошо, со проповеди на лажен патриотизам, антиквизациска национална преродба и рајски економски просперитет, водството на тој режим успеа да го подели народот во два непомирливи табори, решено своето преживување и натамошно владеење да го задржи и по цена на нивен меѓусебен граѓански судир.
Па сепак, мора да се истакне дека и покрај сета државна, полициска и судска торутра на која беше изложено мнозинството од граѓаните, и покрај гангстерското фалсификување на повеќе изборни циклуси, преку кои Груевски ја зацврстуваше својата власт, демократската јавност не само што не потклекна пред неговите закани туку му ги нанесе и првите порази. Да потсетиме: во услови на тотален владеачки диктат, при докажано фингирани изборни резултати, на претседателските избори опозицискиот кандидат Пендаровски освои преку 300.000 гласови, на локалните Жерновски стана градоначалник на Центар, со убедлива надмоќ во два изборни круга (вистински шок и бес кај властодржците), на Парламентарните избори опозицијата доби преку 200.000 гласови.
Мислам дека не е мала храброст при тајни снимања и бележења на гласачите, при службени прозивки и контроли кој, каде и за кого гласал, преку 200.000 или 300.000 граѓани да му речат “доста беше!” на режимот кој им донесе беда и немир во нивните животи. Да не заборавиме исто така, на минатогодишниот мајски митинг во Скопје, самоорганизиран од граѓанскиот сектор излегоа околу 100.000 граѓани од сите етникуми и верски припадности, со единствено барање властодршците да си поднесат оставка и демократијата повторно да се врати. Тој граѓански отпор, преточен со боите на Шарената револуција, повеќе од една година се претвори во ноќен кошмар за следбениците на груевизмот. Сето тоа недвосмислено покажува дека кај мнозинството од народот има волја, желба и решителност судбината да ја преземе во своите раце.
Сосема е друго прашањето, како да се организира и да се канализира таа граѓанска енергија и сила и која е улогата на опозициските политички елити во вакви пресудни и историски моменти. За жал, сведоци сме на една апсурдна состојба каде што политичката опозиција постојано се правда пред власта дека таа не стои зад граѓанските протести, туку им дава само поддршка на нивните барања, додека граѓанското движење постојано докажува дека дејствува самостојно и дека опозициските партии немаат никаква врска со нивните демонстрации. А, општо познато е дека граѓанскиот отпор, без политичко водство и организација, самото не може да оствари смена на државен режим, како што и опозицијата без поширока поддршка на граѓанското движење не ќе биде во состојба да ја порази актуелната власт.
На тоа треба да се додаде и целосната режимска окупација и подјармување на македонските синдикати, кои што наместо да бидат предводниците на работничкото незадоволство, станаа продолжена рака на власта во нејзините настојувања да се блокира било каква штрајкувачка иницијатива. Поради тоа, во Македонија повеќе од една деценија не е организиран ниту еден поглем работнички протест, а да не зборуваме за општ генерален штрајк преводен од главниот Синдикат, на чие чело се наоѓа восочна фигура со ликот на Живко Митревски. Уште повеќе нашата држава се вброи меѓу ретките во светот каде што власта богато финансира контра-штрајкувачки синдикати и антиграѓански протести, што е типична карактеристика на сите диктаторски режими.
Логично, во еден таков политички вакуум, обичниот човек изморен и деморализиран од долгите дебати и тактизирања околу начините како да се води битката и како да се постигне конечната победа над тоталитарната власт, станува на некој начин индиферентен, честопати безволен и апатичен во немоќта да влијае и да ги спречи безумните атаци на режимот врз неговиот живот и натамошно опустошување на неговата земја.