Судијката Александра Поп-Стефанија го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и не ѝ одреди мерки на претпазливост на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која е една од осомничените во случајот „Тврдина“.
СЈО бараше од судот на Јанкулоска да ѝ биде одземен пасошот, да ѝ се определи забрана за напуштање на живеалиштето и обврска повремено да се јавува пред надлежен орган.
„Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), за определување мерки за претпазливост против Г.Ј. опфатена во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, која претходно беше сослушана во врска со предлогот, донесе решение со кое предлогот на обвинителството го одби како неоснован“, стои во соопштението од Кривичниот суд.
Судијката Поп-Стефанија оценила дека во случајот не постои основа за определување на предложените мерки на претпазливост бидејќи не постоеле околности „кои упатуваат на реална опасност од бегство на осомничената“.
„При одлучувањето судијата на претходна постапка го имаше предвид и однесувањето на осомничената во текот на постапката, фактот дека соработува со судот и уредно се јавува на поканите, што не упатува на заклучок дека кај осомничената постои опасност од бегство. Во конкретниот случај не постои ниту едно конкретно дејство што упатува на постоење опасност од бегство на осомничената, особено имајќи предвид дека конкретниот предмет е поодамна јавно презентиран и претходно се водела постапка против осомничената подолг временски период, истата била запознаена за кои кривични дела и инкриминирани дејства е осомничена, па доколку имала намера да бега, тоа би го сторила досега“, стои ворешението на судијката.
Другите тројца осомничени во случајот, за кои СЈО исто така побара мерки на претпазливост, не беа сослушани бидејќи судијката го прекинат распитот откако СЈО побара нејзино изземање од случајот, па дополнително ќе бидат повикани од судот.
Специјалното обвинителство бараше изземање на судијката токму во случајот со Јанкулоска бидејќи поранешната министерка се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.
Кривичниот суд го одби барањето за изземање, а ниту Апелацискиот суд потоа не ја прифати жалбата на СЈО во врска со одлуката на првостепениот суд.
Осомничените во „Тврдина“ се товарат дека минатата година ја уништиле опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра.