Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Меѓународниот форум за заштита на бегалците, организиран од Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Канцеларијата на УНХЦР во Северна Македонија и Меѓународниот институт за хуманитарно право од Сан Ремо.
“Задоволство ми е да ве поздравам на Меѓународниот форум за заштита на бегалците, организиран од Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Канцеларијата на УНХЦР во Северна Македонија и Меѓународниот институт за хуманитарно право од Сан Ремо.
Оваа конференција е силен пример за многу потребниот мултилатерализам и меѓународна соработка. Конфликтите, тероризмот, пандемијата, социо-економската и финансиската нестабилност и натаму ги нарушуваат начините на живот ширум светот. Тие продолжуваат да ги загрозуваат човековите права и слободи, предизвикувајќи хуманитарни катастрофи од големи размери и невиден број бегалци – лица на кои им е потребна заштита додека бегаат од прогон поради нивната раса, религија, националност, членство во одредена општествена група или политичко мислење.
Државите ја имаат главната одговорност кога станува збор за заштитата на бегалците и човековите права. Затоа мораме да предничиме во исполнувањето на обврските преземени со Глобалниот договор за бегалците и Глобалниот форум за бегалци.
Како потписничка на Конвенцијата од 1951 година и преку својата долгогодишна соработка со УНХЦР, Северна Македонија покажа солидарност со бегалците од многу конфликти во поновата историја. Од војните низ поранешна Југославија во 90-тите години од минатиот век до стотици илјади што ја поминаа земјата во 2015 и 2016 година – без престан работевме за да им обезбедиме заштита на тие луѓе и да останеме цврст поддржувач на споделената одговорност на глобално ниво.
По падот на Кабул неодамна, водени од чувството на морална обврска и солидарност, потврдувајќи ги нашите меѓународни обврски и во согласност со нашата традиција, веднаш ја огласивме нашата подготвеност да прифатиме авганистански бегалци.
Ковид-19 ги предизвика нашите начини на живеење на многу нивоа, а во исто време не турна кон преиспитување на нашите ставови за различни аспекти од животот. Сепак, во никој случај не треба да дозволиме пандемијата да послужи како оправдување за недостатокот на солидарност.
Низ овие години на големи предизвици, потребно ќе ни биде сè посилно и подлабоко партнерство и солидарност. Во оваа смисла, од суштинско значење ќе биде, истакнати експерти и академици, како и практичари со големо искуство во областа, да ни дадат препораки за тоа што државите, граѓанското општество, приватниот сектор и сите луѓе со добра волја можат да направат заедно на полето на заштитата на бегалците со цел да се прошират можностите за подавање рака на оние на кои им е потребна во деновите кога владее безредие.
Дозволете ми да упатам поздрав до сите вас, да ви посакувам добро здравје и продуктивни дебати на главната тема на конференцијата. Навистина се надевам дека следниот пат ќе се видиме лично”, изјави претседателот Стево Пендаровски на Меѓународниот форум за заштита на бегалците.