Јанкуловска, Јанакиески и Протоѓер признаа вина во случајот „Титаник“

Сподели

 

Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески, Мунир Пепиќ и уште четворица други лица кои се обвинетите во случајот на поранешното СЈО „Титаник“ за злосторничко здружување и неколку кривични дела поврзани со изборни злоупотреби на денешното судско рочиште признаа вина.

Екс-министерката Јанкулоска рече дека по основ на обвинението кое е во правна сила повеќе од четири години, таа смета дека постапката не треба да се води поради одлуката за помилување донесена од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, но и рече дека по однос на наводите од обвинението се изјаснува како виновна.

Миле Јанакиески призна вина за дел од кривичните дела од обвинението и рече дека чувствува морална вина. Тој упати извинување и до сите оние кои на некој начин биле навредени и повредени во т.н. бомби што ги објавуваше Зоран Заев.

Мартин Протоѓер, пак, во својот исказ пред судот рече дека презема одговорност од морален аспект и ја прифаќа вината, но тој заедно со Јанакиески не признаа вина единствено за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. Меѓу осумтемина што признаа вина е и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковска.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Илија Димовски и Кирил Божиновски, исто така поранешни членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тие изјавија дека не се виновни за делата за кои се гонат. 

Првоосомничен во случајот „Титаник“ е Никола Груевски, кој во во моментов е во бегство уживајќи азил во Унгарија. 

„Титаник“ беше првиот случај за кој Специјалното јавно обвинителството отвори истражна постапка и се однесува на изборни нерегуларности кој според тогашното СЈО во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето.