Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Република Словенија, предводена од претседателката на Комисијата, г-ѓа Моника Грегорчич. Во Делегацијата беше и г. Ник Пребил, заменик-претседател на Комисијата за европски прашања.
Од страна на Претседателот Џафери беше искажано задоволството за реализацијата на посетата во моменти кога е потребно единство во рамките на Алијансата, но и во рамките на ЕУ, особено во делот на политиката на проширување. Беа поздравени одличните односи со Република Словенија, нејзината поддршка во клучни моменти од нашата понова историја и динамичната соработка во повеќе домени од взаемен интерес. Во однос на нашите евроинтеграции, Претседателот Џафери истакна дека актуелните случувања покажуваат колку како земји сме ранливи на одредени процеси и дека сега повеќе од било кога, потребно е делување од страна на Европската унија за забрзување на процесот и што поскоро отпочнување на преговорите, кои ќе имаат позитивен ефект во економски, но и безбедносен контекст за земјата и регионот пошироко.
Г-ѓа Грегорчич посочи дека, Делегацијата доаѓа во земјата со јасно зацртана цел за целосна и недвосмислена поддршка на Република Словенија за интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија. Како дел од нивните континуирани заложби, таа нагласи дека се избориле во рамките на Европската унија, во текот на секое ново претседателство со Советот на Европската унија, прашањето за интеграција на земјите од Западен Балкан да биде високо на агендата и истото да биде демонстрирано преку организирање Самити или Конференции за Западен Балкан, како што ќе биде случај во текот на актуелното француско претседателство во јуни оваа година. Беа искажани уверувања дека без разлика кој е на власт во Република Словенија во следните години, нивната поддршка за Република Северна Македонија ќе остане непроменета како и досега.
Во дискусијата се вклучи и претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија, г. Александар Велјаноски, кој ја поздрави досегашната соработка со неговите колеги од Република Словенија, со надеж дека истата ќе продолжи и во периодот што следи.