По налог на рускиот претседател Владимир Путин, руската влада составила список од држави коишто презеле непријателски акции против Русија, руски компании и граѓани, пренесува српската телевизија Н1. Од овој список што го објавија и руските државни медиуми изземени од листата на непријателски земји во Европа засега се само шест земји: Белорусија, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Турција и Исланд.
На овој список се наоѓа Северна Македонија, заедно со САД, Канада, Велика Британија (вклучувајќи ги Џерси, Ангвила, Британски Девствени Острови, Гибралтар), сите земји-членки на ЕУ, Украина, Сан Марино, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Андора, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван.
Инаку, земјите споменати на оваа листа од Русија воведоа санкции или се приклучија на санкциите против Русија откако започна руската инвазија на Украина.
Податоците на руската влада велат дека руските граѓани и компании, како и руските државни институции кои имаат кредити и други обврски од компании од земји од оваа листа ќе можат да ги плаќаат во рубљи. Притоа, должникот може да побара од руските банки да отворат посебна сметка во рубљи и преку неа да се извршат плаќања во рубљи според курсот на Централната банка на Русија на денот на исплатата, додава српскиот весник Политика.