Социо-економскиот грант од Јапонија: Опрема за третман на пациенти пост Ковид

Сподели

 

Министерот за здравство, Беким Сали, денеска ја посети Клиниката КАРИЛ заедно со заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, по повод обезбедена нова медицинска опрема со Социо-економскиот грант од Јапонија.
 
 
 
 
Станува збор за опрема за третман на пациенти пост Ковид, која се состои од дефибрилатори, електрокардиограми, анализатори за крв, центални монитори, рентген апарат, медицински фрижидери и мобилни ехо апарати. Оваа опрема е наменета за дел од универзитетските клиники (Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, КАРИЛ), како и за Градската општа болница „8 Септември“.
 
Дел од опремата е веќе инсталиран и ставен во употреба, токму на Клиниките како КАРИЛ и Инфективна клиника каде се третираат пациенти со специфична и комплексна здравствена состојба, а до крајот на годината се очекува да пристигне и останатата опрема која ќе биде инсталирана и во други клиники.
 
Во следниот период се очекува да пристигнат три дефибрилатори за Клиниката КАРИЛ, Инфективната клиника и Градската општа болница „8 Септември“ , како и два мобилни ехо апарати за КАРИЛ и Клиника за кардиологија.
 
Инаку, станува збор за Социо-економски грант за медицинска опрема во вредност од 813.000 евра.
 
Токму како резултат на успешната соработка со јапонската влада, во изминатите три години се вложени над 1 милион евра за нова опрема во јавните здравствени установи низ државата. Тоа претставува значително зајакнување на капацитетите на установите со нова најсовремена медицинска опрема, како и подигнување на квалитетот на здравствената заштита на повисоко ниво.