Нови 16.000 парчиња делови од униформи за припадниците на полицијата

Сподели

 

Како една од компонентите согласно планот за материјално-техничко подобрување на работната средина на полициските службеници, а која произлезе од новата стратешка позиционираност, којашто ова раководство на МВР ја утврди во 2017 година, е и континуираното вложување во опременоста на полициските службеници, како логична алка во следот на активности за мотивирање на полицијата, а сѐ со цел унапредување на севкупната безбедност на граѓаните.

Деновиве во магацините на Министерството за внатрешни работи испорачани се вкупно 16.000 парчиња летни и зимски панталони и здолништа за припадниците на полицијата, со вредност од 31.008.559 денари со вклучен ДДВ, а по претходно распишана јавна набавка на униформи за 2021 година.

Испорачаните парчиња вклучуваат по 6.452 машки зимски и летни панталони, по 758 женски зимски и летни панталони и по 790 зимски и летни здолништа, а согласно динамиката на испорака очекуваме пристигнување на високи специјални чизми и ремени со кои ќе се комплетираат испораките од спроведените јавни набавки на униформа во 2021 година.

Периодов во магацините на МВР пристигнаа и 8.000 парчиња зимски јакни за припадниците на полицијата, за коишто распределбата започна на 11.03.2022.

Ова раководство на МВР зазеде одлучен став за драстично зголемување на инвестициите во униформи за сите припадници на полицијата, за што јасно укажува и вредноста на самите набавки на униформи за време на раководењето на Министерството од страна на министерот Оливер Спасовски, односно за периодот од 01.06.2017 до 18.01.2022 реализирани се инвестиции во униформи во вредност од над половина милијарда денари со вклучен ДДВ или безмалку 10 милиони евра.

Така, денеска можеме да се пофалиме дека сите организациони единици на полицијата добија нови униформи, специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи се набавени и за останатите полициски службеници, а само за шест месеци во претходната 2021 година, од месец јули до месец декември, обезбедивме 10.000 кошули со долг ракав и 10.000 кошули со краток ракав за припадниците на полицијата, 2330 парчиња флуоросцентни елеци, 660 комплет униформи за приправници, 30 комплети работни одела за кујни, 34 парчиња воздухопловни јакни, 19 парчиња воздухопловни комбинезони и 7 парчиња специјални заштитни комбинезони, како дел од униформа за воздухопловен персонал, по 473 парчиња цивилна облека, обувки, цивилни кошули и цивилни чевли, 8.000 парчиња “поло” маици, 10.000 рала полувисоки чевли, информираат од МВР.

Меѓудругото, во рамки на планот за материјално-техничко подобрување на условите за работа на полициските службеници, реконструиравме и саниравме 71 објект на МВР на територијата на целата држава, трансформирани и на енергетски план, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови термоизолациски фасади, со што директно овозможуваме заштеди во буџетот, ги намалуваме емисиите на штетни гасови, придонесуваме кон заштита на животната средина. Во моментов, интензивната градежна офанзива е во тек на уште 6 објекти, и тоа: ОВР Радовиш, ОВР Делчево, ОВР Берово, Одделот за заштита на личности и објекти во Скопје, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, со тоа што неодамна беше промовиран објектот на Единицата за внатрешни работи Карпош, како 71 реконструиран објект. Исто така, обезбедивме и поголем број донации во возила и опрема за разни полициски организациони единици, а се модернизира и возниот парк.

Го одржувме и континуитетот на исплата на редовна бонус плата, покрај исплатата на трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови во претходната година, наскоро ќе биде исплатена и бонус платата за 2021 година, додека со Буџетот на МВР за 2022 година, обезбедени се и средства за зголемување на платата за 5% на сите вработени во МВР од месец септември 2022 година. Согласно новиот Закон за минимална плата, минималната бруто плата изнесува 26.422 денари. За вработените во МВР, на кои им се исплатува плата по Закон за работни односи е извршено усогласување со минималната плата и почнувајќи од месец март, сите вработени по овој Закон ќе имаат усогласени, односно зголемени плати.

МВР продолжува со обезбедување на квалитетни услови за работа на полициските службеници, секогаш имајќи го предвид имплементирањето на високите стандарди на материјални-техничката опременост на полициските служби од водечките земји во Европа и светот, а сѐ со крајна цел – создавање на професионален сервис за граѓаните, оправдувајќи го и нашето мото – опремена полиција – безбедни граѓани.