Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар се подготвуваат за два важни процеси во областа на образованието кои треба да се спроведат во следниот период. Едниот е полагањето на државната матура за учениците од завршните години во средното образование, додека другиот е учеството на земјата во годинешното ПИСА тестирање.
За оваа цел, заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу денес одржа координативен состанок со претставници на ДИЦ од која, заклучокот е дека сите подготвителни активности досега се одвиваат добро и согласно предвидената динамика.
На состанокот беше потврдено дека полагањето на државната матура оваа година ќе се спроведе идентично како и минатата. Матурантите ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети, како и една проектна задача. Проширување ќе има само на листата со интерни предмети за учениците од средното стручно образование поради тоа што годинава се воведени нови образовни профили.
Вториот процес на кој за време на состанокот се посвети особено внимание е учеството на Северна Македонија во меѓународното тестирање ПИСА кое го организира ОЕЦД, а кое служи за проверка на јазичната писменост, математичката писменост, како и писменоста на учениците на 15 годишна возраст во областа на природните науки. Претставниците на Државниот испитен центар информираа дека пробното тестирање е успешно спроведено минатата година и дека сите јавни средни училишта, како и шест приватни се подготвени за годинешното главно тестирање кое ќе се спроведе на репрезентативен примерок од 7.850 ученици.
Северна Македонија до сега има учествувано во три циклуси: ПИСА2000, ПИСА2015, ПИСА2018. Ова ќе биде наше четврто учество во студијата.