Тренчевска: Креираме работни места барани на пазарот на трудот, обезбедивме 424 обуки за ИТ вештини

Сподели

 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска учествуваше на конференцијата Skills4FutureWeek: „Патот кон трансформациски промени“. Тридневната конференција се реализира во рамките на проектот „Премостување на јазот кај дигиталните вештини за создавање нови и подобри работни места“ поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Министерката Тренчевска во својот говор, рече дека паралелно со светските технолошки достигнувања, Владата креира работни вештини најбарани на пазарот на трудот. 

 

 

-За оваа година  обезбедивме 424 обуки за невработени лица. На овој начин на нашите граѓани  им овозможуваме да се стекнат со знаења  за полесна вработливост, изјави министерката Тренчевска. 

Министерката информираше дека преку Моделот за преглед на занимања, младите можат побрзо да се информираат за понудата и побарувачката на работна сила на македонскиот пазар на труд, бидејќи на веб-платформа (www.zanimanja.mk) има прикачено и опишано 74 барани занимања на пазарот на трудот. 

Заменик амбасадорката во Британската амбасада Џулија Смит рече дека младите треба да се подготвени за иднината.

„Ја поддржавме Националната развојна стратегија за Северна Македонија 2022- 2042, каде што значаен дел се посветува и на човечкиот капитал. Она што децата и младината на денешницата треба да научат е да бидат подготвени да одговорат на економските барања на иднината“, рече заменик амбасадорката Смит. 

 

 

За имплементаторот на проектот – Програмата за развој на Обединетите нации, развојот на вештините е потенцијално поле за генерирање одржливи вработувања и развој на  компетативна бизнис средина.

„Креирањето можности за работа е еден од приоритетите на УНДП во државата и тоа преку дизајнирање и развој на нови модели за учење на дигиталните вештини преку кои ќе се зајакнат, активираат и поддржат различни категории граѓани. Дигитализацијата на сите пори во општеството, а посебно во бизнис сферата, ќе продолжи да ја го менува начинот на кој организациите, владите, но и поединците одговараат на моменталните предизвици со кои што се соочува светот,“  рече постојаниот претставник на УНДПМК Армен Григорјан. 

За Менсур Ндалби од Централната служба на УНДП во Њујорк дигитализација е начин како да опстанеме во овие околности со кои што се соочува светот денеска.  

Во рамките на проектот, во изминативе две години  околу 400 професионалци од индустријата, практичари и студенти се обучуваат за нови вештини поврзани со новите технологии и користењето на модерните софтверски решенија важни за градежништво, текстил и обновливи извори на енергија организирани од новоформираниот Центар за нови вештини #SkillsNext при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Владата на Република Северна Македонија работи на новата   „Националната стратегија за ИКТ 2021 – 2025“ која се фокусира на утврдување на приоритетните области во ИКТ-секторот.  Целта на Стратегијата е да ја подготви државата за сестрана и агилна дигитална иднина бидејќи дигиталните технологии, кои ја овозможуваат трансформацијата, ќе обезбедат подобар квалитет на живот во општеството.