Тешко е да се избегне впечатокот дека овој култ е на многу повисоко ниво од култот на личноста на самиот Александар Вучиќ. Звучи апсурдно, но претседателот на една странска држава навистина е најпопуларниот политичар во Србија, пишува Д-р Динко Грухоњиќ за РесПублика.
„Секавичен удар на Путин! Русите дојдоа до Киев за еден ден!“, „Путин стигна до Киев за еден ден!“, „Русите ја прегазија Украина за еден ден“, гласеа насловните страници на печатените и онлајн таблоидите во Србија, еден ден по почетокот на руската воена инвазија на Украина. Два дена пред почетокот на руската агресија, белградскиот таблоид „Информер“ објави на насловната страница: „Украина ја нападна Русија!“
За сите што живеат во Србија, ваквите насловни страници баш и не се големо изненадување. Митот за „братска Русија“ внимателно се негува во последниве дваесетина години, а негувањето на русофилија, поточно – путинофилијата, доживеа кулминација во последниве десет години, откако Александар Вучиќ е на власт, како поранешен висок функционер на екстремно националистичката и изразено проруската Српска радикална партија, на осудениот воен злосторник Воислав Шешељ.
Во суштина, иако на Запад се претставуваше како политичар кој се откажува од своите радикални корени, Вучиќ го продолжи и максимално го подигна она што го трасираа претходните „демократски“ власти, олицетворени во поранешниот клерикално-десничарски премиер на Србија Воислав Коштуница и неубедливиот про-Европски претседател Борис Тадиќ. Во тоа време, националната нафтена компанија, Нафтената индустрија на Србија, беше продадена на руски „Гаспром“.
Цената беше под пазарната, во замена за магловити ветувања дека Русија нема да дозволи Косово да стане независно во Советот за безбедност на Обединетите нации. Последиците од тоа се катастрофални за Србија денес: земјата е целосно енергетски зависна од Русија, која е под тешки санкции од Западот. На чело на Јавното претпријатие „Србијагас“, коешто има монопол во снабдувањето и дистрибуцијата на гас, е локалниот политичар Душан Бајатовиќ, човек кој во својот кабинет чува слика од Владимир Путин. Неодамна беше снимен документарниот филм „Иде гас“, за зависноста на Србија од рускиот гас, во продукција на Независното здружение на новинари од Војводина.
Култот на личноста на Путин во Србија
Во меѓувреме, откако Вучиќ и Српската напредна партија дојдоа на власт во 2012 година, проруската пропаганда создаде култ на личноста на Владимир Путин во влијателните медиуми и преку настапите на некои режимски политичари. Тешко е да се избегне впечатокот дека овој култ е на многу повисоко ниво од култот на личноста на самиот Александар Вучиќ. Звучи апсурдно, но претседателот на една странска држава навистина е најпопуларниот политичар во Србија.
„Околу 100.000 граѓани пристигнаа во Белград од цела Србија, „мигови“ што го прелетуваат градот, топовски плотуни и улици украсени во боите на руското знаме го пречекаа претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на 17 јануари“, напиша новинарката Антонела Риха во 2019 година, за да ја илустрира еуфоријата што беше медиумски и политички создадена во Србија, за време на посетата на Путин. Српската напредна партија организирано довела голем дел од граѓаните на пречекот, а се проценува дека во Белград пристигнале повеќе од илјада автобуси од цела Србија. Државниот јавен медиумски сервис, Радио-телевизија Србија, цел ден во живо ја пренесуваше посетата на Путин.
По тој повод, тогашниот шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ му ја отпеа „Каљинка“ на рускиот претседател (Дачиќ е претседател на проруската Социјалистичка партија на Србија, чиј претходен шеф беше покојниот Слободан Милошевиќ). Вучиќ изјави дека ќе се „консултира“ со Путин пред какво било можно решение за косовското прашање. Ден по посетата, таблоидите еуфорично објавија дека граѓаните биле толку среќни поради посетата на Путин, што имало многу помалку повици за брза помош од вообичаено.
Некои српски медиуми се повеќе проруски и од Спутник
На неодамнешната дебата со наслов „Медиумското известување за Украина“, новинарката на белградскиот портал КРИК, Марија Вучиќ, изјави дека Србија „најсилно ја поддржува руската страна“, што може да се види особено преку медиумските објави. Освен „Спутник“ на српски јазик, во Србија нема ниту еден друг сериозен и влијателен руски медиум. А впрочем, зошто би имало, кога има толку многу влијателни дневни весници и портали кои отворено се декларираат како проруски.
Истражувачот Вук Велебит изјави во низа текстови во 2019 година: „Ако го споредам начинот на известување за Русија во српскиот печат и на порталот Спутник, доаѓам до заклучок дека домашниот печат известува посензационално, попристрасно и поемотивно за Русија и српско-руските односи споредено со порталот Спутник“. Тој истакна дека ваквата проруска пропаганда на српските медиуми доведува до тоа граѓаните на Србија да мислат дека Русија е на врвот на листата на странски донатори, иако САД, ЕУ и Јапонија се далеку пред неа во поглед на паричната помош што ја испратиле во Србија.
Чисто за илустрација, кога станува збор за економијата, ЕУ е на првото место на листата на трговски партнери на Србија, со удел од над 70 отсто, додека учеството на Русија е на ниво од пет отсто. Исто така, забележува Велебит, кога ќе ги прашате граѓаните на Србија каде би сакале да живеат, да патуваат или да се школуваат, одговорот што речиси секогаш ќе го добиете се земјите од Западна Европа или Северна Америка, додека ретко кој ќе одговори Русија.
Извор: pixabay.com
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ, на 17 март годинава, изјави дека јавното мислење во Србија е „поподложно на дезинформации под влијание од руска пропаганда“. „Во Србија, јавното мислење е поподложно на дезинформации под влијание на руската пропаганда, во обид да се оправда агресијата врз Украина, со наводи за геноцид и наводи дека претседателот Зеленски е фашист. Не можам да сфатам дека некој може да поверува во тоа“, рече Борељ .
Медиумско труење на регионот
Српските медиуми се служат со проруска пропаганда за да ги затрујат не само своите граѓани, туку и граѓаните во регионот, пред сè во Црна Гора и Босна и Херцеговина, во тамошниот ентитет Република Српска. Станува збор за еден вид специјална медиумска војна против соседните земји, со значителни примеси на ширење „меко“ руско влијание во регионот.
Ова беше особено видливо за време на протестот во Црна Гора во 2020 година, организиран од изразено проруската Српска православна црква (СПЦ), заедно со просрпските и проруските политички партии. Прорежимските медиуми од Србија максимално се вклучија во таа кампања, а некои црногорски политички и медиумски аналитичари изјавија дека зад тоа стои официјална Москва, која одлучила да шири „мека моќ“ во Црна Гора, по неуспешниот обид за државен удар во 2016 година, во кој беа вклучени и руските тајни служби.
Резултатот од протестот и медиумската кампања од Србија беше смена на владата. Новата влада беше под силно влијание на СПЦ и за година и пол значително ја дестабилизираше Црна Гора. Дигиталниот форензички центар од Подгорица, во публикацијата „Улогата на Русија на Балканот: Случајот на Црна Гора“, наведува дека Русија го шири своето „малигно влијание“ во Црна Гора преку Србија: политички, медиумски и преку СПЦ, со цел да ја дестабилизира Црна Гора, како земја членка на НАТО.
Таблоидите ги најавуваат потезите на Вучиќ
Меѓутоа, бруталниот напад на Путин врз Украина и реакцијата на западниот свет и НАТО многу ја усложнија позицијата на Србија, која сега мора да се изјасни на чија страна е. По почетната еуфорија, тиражните прорежимски таблоиди и портали донекаде го намалија славењето на руската агресија врз Украина. И самиот Вучиќ од Западот најверојатно доби „грејс период“ до изборите на 3 април, до кога ќе може да игра на сегашната официјална позиција на Србија: осуда на руската агресија, но без воведување санкции кон Русија.
Потоа, за него нема да има простор за маневрирање. И не само за него, туку и за огромното мнозинство актери на политичката сцена, меѓу кои се главните опозициски протагонисти кои не се разликуваат од Вучиќ во односот кон Русија, војната во Украина, Европската унија, НАТО… Станува збор за обид политиката да „седи на четири столчиња“, која Вучиќ ја презеде од Борис Тадиќ: да биде во добри односи и со Москва, и со Пекинг, и со Брисел и со Вашингтон.
Во новите глобални – бинарни – геополитички околности произведени од агресијата на Путин врз Украина, таквата политика на глумење „неутралност“ во Европа веќе нема шанси да опстане.
А за тоа каков ќе биде официјалниот став на Србија – како и многу пати досега – ќе може да прочитаме во прорежимските таблоиди, чијашто задача е да ја подготват јавноста за идните одлуки на Вучиќ.
Кои се шансите за промена на јавното мислење?
Повеќе од две третини од српските граѓани веруваат дека западните земји, под превезот на „граѓанските слободи“, промовираат морално корумпиран и декадентен начин на живот, според резултатите од истражувањето „Индекс на ранливост – Србија“ од ноември 2021 година. Наодите од тоа истражување покажаа дека мнозинството српски граѓани сметаат дека Русија, исто како и Кина, е најзначајниот стратешки партнер.
Русија ужива најголема поддршка кај помладата популација, на возраст од 18 до 24 години: 71 отсто од испитаниците го делат ставот дека Западот неправедно ја обвинува Русија за многу проблеми. Кога станува збор за вредносниот систем, забележливо е дека помладата популација изразува отпор кон ЕУ, но и наследува конзервативни ставови. Истражувањето покажа дека српските граѓани ја гледаат ЕУ како можност за подобрување на животот на обичните луѓе, но само 18 отсто од испитаниците ја гледаат Унијата како стратешки партнер. Еден од заклучоците на истражувањето е дека тие ја сметаат евроинтеграцијата повеќе како неопходност отколку искрена желба.
Дали е можно да се сменат ваквите, изразито проруски, ставови на граѓаните на Србија? Ние кои сме доволно стари да се сеќаваме на периодот на владеењето на Милошевиќ, јасно се сеќаваме на 1994 година, кога медиумската пропаганда на Милошевиќ – буквално преку ноќ – следеше пресврт во политиката на режимот.
Под силен притисок од Западот, Милошевиќ им го сврте грбот на водачите на босанските Срби Радован Караџиќ и Ратко Младиќ во војната во Босна и Херцеговина и привремено стана „гарант на мирот и стабилноста на Балканот“. Прорежимските медиуми добија задача да го сменат имиџот на Милошевиќ и ефективно ја извршија таа задача: рејтингот на Слободан Милошевиќ не падна и тој ја задржа власта без проблеми.
Меѓутоа, она што остана како трајна последица од немилосрдната воена пропаганда на државните српски медиуми во деведесеттите години на 20 век се бројните теории на заговор чијшто заеднички именител е „загрозеноста на Србите“. Ова се сфаќа како непобитна вистина. Станува збор за табу тема, како што се и темите за митот за Косово, бомбардирањето на НАТО врз Србија во 1999 година, како и сите војни од последната деценија на минатиот век, а особено геноцидот во Сребреница и бројни други теми кои доаѓаат од корпусот на соочување со минатото.
На 28 март, Иницијативата на младите за човекови права презентираше извештај во кој се наведува дека негирањето на геноцидот во Сребреница е заедничко за 80 отсто од изборните листи кои учествуваат на парламентарните избори на 3 април.
Додатен проблем е фактот што, во Србија, во суштина нема политичка и социјална алтернатива на владејачкиот националистички наратив, освен на маргините на социјалната и политичката сцена.
Истото важи и за медиумите: дури и во корпусот медиуми кои не се прорежимски, многу се ретки оние кои се подготвени и кои имаат новинарска храброст да артикулираат дискурс што би бил суштински спротивен на владејачкиот агресивен национализам.