Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) најавуваат дека напролет треба да стават во функција систем за мерење на параметрите на квалитетот на широкопојасен пристап на интернет во фиксни мрежи, со што крајните корисници ќе бидат информирани за квалитетот на таа услуга.
Тоа, појаснуваат од АЕК, значи дека секој поединечно ќе може да побара мерење на квалитетот на услугата од своја локација.
Како што информираат од АЕК за МИА, паралелно со заокружувањето на набавката на опремата на системот треба да биде изготвен соодветен правилник за методологијата за мерењето.
Освен моменталната информација за квалитетот на услугата што ја добиваат, системот ќе овозможи анонимно споделување на овие информации со останатите корисници во Македонија и ќе обезбедува јавно достапни податоци за квалитетот на мрежите на операторите. Регулаторот ќе изготвува редовни извештаи за тековните мерења.