АЕТМ и ДЗС за подобрување на квалитетот на статистичките податоци за е-трговијата

Сподели

 

Како дел од напорите за подобрување на методологијата и квалитетот на податоците за е-трговијата, приближување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ и следење на трговијата во Република Северна Македонија, во рамките на Спогодбата на ЦЕФТА, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во соработка со Државниот завод за статистика, организираше тркалезна маса за дискусија на можностите и начините за подобрување на методологијата на податоците за е-трговија.

Една од главните причини за ваквата иницијатива, како што потенцираат организаторите, е недостатокот на податоци кои нашата земја може да ги понуди во европските извештаи за е-трговија, а се важен предуслов за утврдување на тековните состојби поврзани со е-трговијата во Северна Македонија и проекциите за нејзин раст и развој во иднина.

На тркалезната маса, која е организирана како прва заедничка активност на АЕТМ и ДЗС по потпишувањето на меморандумот за соработка, беше иницирана соработка и дискусија помеѓу релевантните институции кои во своето работење прибираат, анализираат и овозможуваат пристап до податоци за е-трговијата, организациите од невладиниот сектор и компаниите од бизнис секторот во областа на е-трговија, а во насока на донесување на конкретни акции кои секоја од засегнатите страни ќе се стреми да ги имплементира во следниот период.

 

 

– „За да може да се следи растот и рзавојот постигнат во е-трговијата  AETM уште во првата сеопфатна анализа од 2018 година ја нагласи потребата за поголем обем и подобар квалитет на прибраните податоци. За да имаме реална и релевантна слика за состојбата во нашата земја, за да знаеме каде сме и како прогресираме, да се споредиме со другите земји, да носиме информирани одлуки и препораки за преземање дејствија за натамошен раст, неопходни се квалитетни и сеопфатни податоци. Особено ќе го нагласам отсуството на податокот за уделот на е-трговијата во вкупната малопродажба, клучен индикатор кој би овозможил да го согледаме релативното учество на обемот на пазарот на е-трговија во малопродажбата, како и да направиме споредба со другите земји. Овој податок е значаен и за компаниите за да можат да го одредат својот пазарен удел. Исто растот на е-трговијата во потесна смисла на зборот, која ги опфаќа само е-продажбите со платежна картичка, се следи преку платежните статистики на НБРСМ кои во вкупната вредност на онлајн продажби ги вклучуваат и онлајн плаќањата на сметки за комуналии, како и владини услуги, па оттаму не може да се заклучи колкав дел од е-плаќањата всушност се направени во малопродажба. Од дискусијата со релевантните институции произлегоа неколку идеи и значајни заклучоци за подобрување на начините на прибирање на податоци за е-трговија, по кои ќе се преземат конкретни чекори во следниот период.“ – изјави претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска.

Од Државниот завод за статистика ја потврдија подготвеноста на институцијата да одговори на ова барање на засегнатите страни, но го потенцираа и проблемот за системски недостаток на потребните податоци.

 

 

– „ Државниот завод за статистика во согласност со Европските методологии спроведува две примерочни истражувања за Информатички и комуникациски технологии, нивното користење во домаќинствата и од страна на поединци и нивното користење во деловните субјекти, во кои е опфатена и е-трговијата, но ова се податоци кои опфаќаат само дел од аспектите на е-трговијата. Оттука, наша должност е заеднички да најдеме начин како посеопфатно да обезбедиме статистички податоци за обемот на стоки и услуги кои се набавуваат on-line, како и за обемот на финансиските трансакции кои се реализираат со е-трговијата. Сигурен сум дека денешната дискусија во голема мера ќе допринесе со идеи и предлози за постигнувањето на зацртаната заедничка цел – добивање на квалитетни и сеопфатни статистички податоци за е-трговијата.“ – потенцираше Апостол Симовски, директор на ДЗС.

Учесниците на тркалезната маса беа едногласни кога станува збор за заедничкиот интерес на сите засегнати страни од подобрување на квалитетот на податоците за е-трговија, а беа коментирани и разгледувани примери од земјите од соседството, но и од Европската Унија.

Централниот регистар на РСМ, Управата за јавни приходи и Царинската управа уште еднаш ја потврдија својата континуирана заложба во оваа област, покажувајќи ја нивната спремност во идниот период да ги воведат потребните измени со кои би се збогатиле податоците поврзани со е-трговијата во нашата земја, особено во делот на плаќањето на нарачки направени во странство.

Од АЕТМ велат дека со оваа тркалезна маса, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Државниот завод за статистика иницираат соработка меѓу засегнатите институции и се вклучуваат во напорите за започнување на јавно-приватен дијалог помеѓу релевантните институции и компаниите од секторот на е-трговијата кој е клучен за подигнување на свеста за потенцијалот на е-трговијата, постигнување напредок на полето на прибирање и анализирање на релевантни податоци за е-трговија и доближување до развиените земји.