Академик Абдулах Шарчевиќ е добитник на Светската награда на хуманизмот

Сподели

 

Со обраќање на претседателот Стево Пендаровски, на верскиот христијански православен празник Водици – Богојављение, се одржа  Интернационална  онлајн конференција: „Охридска школа за хуманизам – од средновековната доба до денес, во Европа и светот“. Истовремено и церемонијата на прогласување на академик Абдулах Шарчевиќ, за добитник на Светската награда на хуманизмот, за 2021 година.

Овогодинешното доделување на наградата, токму на големиот христијански празник Богојавление,  Водици, рече Пендаровски, има особена симболика и значење за нас, дополнително засилена со фактот што на денешен ден се навршуваат 30 години од основањето на Охридската Академија на хуманизмот.

Според Пендаровски, низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската Академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на Свети Климент Охридски и на неговата надалеку чуена Охридска книжевна школа.

-Кон долгата листа импозантни имиња на лауреати, годинава се придружува и името на академикот од Босна и Херцеговина, почитуваниот господин, Абдулах Шарчевиќ, несомнено еден од најзначајните филозофи во нашиот регион, признат и познат многу подалеку од неговите граници. Посебен,и за нас значаен куриозитет е податокот дека академик Шарчевиќ почетоците на својата научна кариера ги имал на Филозофскиотфакултет во Скопје, во втората половина од педесетите години на минатиот век. Се надевам дека и по добивањето на ова престижно признание, личните и професионалните контакти кои професорот Шарчевиќ одамна ги има изградено со Република Северна Македонија само ќе добијат на интензитет, потенцираше Пендаровски.

Претседателот Пендаровски, нагласи дека со пандемијата, за жал, само уште повеќе се зголеми човековата отуѓеност, правејќи не ранливи, осамени и затворени во себеси. Имено, во вакви времиња ни е и тоа како потребна хуманоста, солидарноста и взаемната почит. Да го победиме Ковид-19 и да се вратиме во нормалното секојдневие, но и да ја афирмираме и повторно актуализираме духовностаи културата. Накусо, да ја вратиме човечноста на човештвото, рече тој.

Беседата за Старчевиќ, која Старделов, успеа да ја заврши пред смртта, на 30 декември, беше прочитана. Академик Старделов, меѓу другото, напиша дека човештвото е влезено во фаза на доминација на нихилизмот, според кој и во кој сите вредности ја изгубиле својата вредност и дека е тоа поочигледно дури и отколку во времето на Ниче и Хајдегер.

-Веќе одамна се зборува во филозофијата дека над нас се спушта „светската ноќ“, едно физичко и духовно невидено пустошење на земјата. Во споредба со тоа што го доживеавме по Чернобил дека она што се случува денес е само едно благо предупредување. Техниката сè повеќе се изедначува со кибернетичката функција на науката, па отаде ништо повеќе неможе да се стори против технофилијата, а според академик Шарчевиќ, веќе со ништо не може да се избегне светската техничко-научна цивилизација, напиша Старделов.

Академик Старделов за Охридската академија на хуманизмот претставува, се произнесуваше како за продолжеток на древната Климентова академија (Охридската книжевна школа) која, пак, е првата академија на старословенскиот црковен јазик, во кое е создадено делото на Црноризец Храбар (О писменех) – првотонаучно дело во кое се проучува историјата на создавањето на старословенскиот црковен јазик од светите браќа Кирил и Методиј па наваму, од нивното глаголичко писмо, сè до текстовите на седмочислениците: Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј.

Амбасадорот Јордан Плевнеш, за настанот рече дека се случува интерпланетарен виртуелен собир, во чест на доделувањето на Светската награда за хуманизам за 2021 година, на познатиот босански филозоф и еден од најголемите мислители на Балканот, Европа и светот, Абдулах Шарчевиќ.

-Тука го пречекуваме како антички постмодерен филозоф. Неговиот колега и врсник Георги Старделов како негов брат, двајцата браќа се прегрнуваат како да не се виделе од млади години, бидејќи заедно биле асистенти на Филозофскиот факултет во Скопје. Се создава чудесна слика на академска церемонија, на која се појавуваат и двете мајки и сестри, нивните татковини, Босна и Македонија. И во чест на оваа Одисеја на Абдулах Шарчевиќ, ја гледаме вонвремената слика наречена Групен портрет на Балканот со Европа во името на Хуманизмот, во европската цивилизација која произлегува од триаголникот Женева-Сараево-Охрид, рече Плевнеш.

Говорејќи за создавањето на Шарчевиќ, Плевнеш потенцираше дека во капиталното дело „Европската култура и духовните науки“, цитирана е една мисла од младиот Ками, објавена 1951 година: „Знаете ли дека во 25 години од 1922 до 1947 , 70 милиони европејци, мажи жени и деца се истребени, депортирани или убиени? Ете во што се претвори таа земја на хуманизмот И како наспроти сите протести треба да ја наречеме Срамна Европа“. Вие сте претставник на една друга Идеална Европа, во трезорите на Вечната филозофска на меморија на Европа, и Европскиот филозофски Олимп, со делата:„Исконот и смислата“ 1971 година, „Сфингата на Западот“ 1972, „Мислењето и модерниот мит на човекот“ 1986, „Утопија на смислата и вистината на времето“ 1988, „Човекот и модерниот свет“, „Лавиринтот на светот“, „Важноста на слободата“. Вие напишавте една цела филозофска библиотека, рече Плевнеш.

Академик Шарчевиќ, во своето слово за прифаќање на наградата, говореше за денешна Европа, за нејзината иднина, за духовните, односно социјалните науки.

-Европа не се заградува против метафизиката. Напротив за европското мислење карактеристично е дека се занимава со минатото, сака да ја зачува традицијата на метафизиката, не само во добата на просветителството, туку во времињата на апсолутниот триумф на модерните искуствени науки  – природни и духовни.

Тој потенцираше дека во Германија, уште од романтиката, на дело е силата на влијанието на христијанството, на протестанстката традиција. Што се однесува на Велика Британија тука се на дело раната демократска традиција, потоа идејата на хуманитетот, големата морална литературна традиција, што, како и во Франција,силно делува на јавниот живот.

Академик Шарчевиќ, не заборави да спомене дека доста долго делувал во Македонија, каде му се случиле многу убави работи, каде му се родила ќерката и дека Македонија засекогаш ќе остане во него, како дел од него, а и тој дел од нејзе.

Учесници на Интернационалната  онлајн конференција: „Охридска школа за хуманизам – од средновековната доба до денес, во Европа и светот“, се познати имиња од светот на културата, литературата, политиката, хуманизмот. Меѓу другите: Жан Патрик Конрад, професор по физика на Империјал колеџ во Лондон, Велика Британија и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз, Џон Ралстон Саул, добитник на Светска награда за хуманизам 2015, од Канада, Преси Ден од Европската академија на науките, уметностите (EASAL), добитник на Светска награда на хуманизмот 2018 година, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, како и добитник на Светска награда за хуманизам 2019 година.

Потоа, академик Катица Ќjулавкова (МАНУ), Слободан Енајдер, хрватски писател и публицист, доктор Хонорис Кауза на IU Европа Прима, Фроса Пејоска – Бушеро, професор на ИНАЛКО, Париз, Фредерик Фапани фон Лотринген, од CNRJ (Cercles Nationaux de Réflexion sur la Jeunesse), од Париз.

Исто така, д-р Седрик Уанекпоне, добитник на наградата за млади хуманисти 2019, од Централно африканската република, професор Фабрис Д’Алмеида, од Универзитетски пантеон Асас II,во Париз, доктор Онорис кауза на Универзитетот Европа Прима.

Дел од оваа светска интелектуална елита се и Ралица Русева, историчар на уметноста, од Бугарија, Вида Огњеновиќ, добитник на Светска награда за хуманизам 2012, од Србија, Патриша Корбет, историчар на уметноста, од Вашингтон, САД, Педро Кадел, почесен конзул на Македонија во Лисабон и други.

Веле Митановски