Преку еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“, кој почна да се спроведува во мај минатата година, собрани се 1.200 килограми отпадно масло.
Главната цел на новиот систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата, е да се мотивираат граѓаните да применуваат еколошки практики кои позитивно ќе влијаат на животната средина.
„Од мај 2017 година граѓаните во Македонија имаат можност да го собираат отпадното масло кое им останува при подготовка на храна во нашите 3 литарски кантички наменети за еколошко постапување со овој отпад. Откога ќе се наполни кантичката, домаќинствата не контактираат и нашиот тим ја подига собраната количина на отпадно масло и врши директна достава на нови и чисти садови до секој собирач. Притоа, за секои собрани 3 литри отпадно масло доделуваме 0,5 литри сончогледово масло како додатна мотивација за граѓаните. Секој собирач добиеното сончогледово масло може да го задржи за себе или да го донира преку здружението „Љубезност“ до социјално загрозени семејства во рамките на акцијата „Рециклирај и донирај“. Интересот кај граѓаните постојано расте и секојдневно добиваме нови активни собирачи на отпадно масло“, изјави Андреј Ѓокиќ, менаџер во „Суниленс“, компанијата што го спроведува проектот.
Во оваа акција до сега се приклучени над 1.100 домаќинства низ цела Македонија, а донирани се 100 литри масло за социјално загрозени семејства.
Со акцијата, наместо отпадното масло неконтролирано да се фрла во природата, тоа се собира и преработува во секундарна еко суровина, која понатаму се рециклира во еколошко биогориво. Искористеното масло при готвењето кое се фрла во мијалникот или во одводните цевки може да предизвика затнување на канализационите системи, а кога се меша со комуналниот отпад се зголемува ризикот од негово протекување и загадување на почвата и водите.
Сите граѓани кои сакаат да се приклучат во акцијата „Рециклирај и донирај“ и да добијат соодветна кантичка за собирање на отпадно масло, треба да ја пополнат апликацијата или да се јават на телефоните 070 264 444; 02/2650-100 или 02/2650-600.