Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.
Во мојот последен блог го споменав фактот дека, како што укажуваат не само скорешни, туку и многу постари проучувања, приватните интереси веројатно се еден од најголемите предизвици што го попречуваат патот на посуштинска, а со тоа и успешна, европеизација на Западниот Балкан. Овие неформални мрежи на влијание и моќ се доволно значајни за да влијаат на европеизацијата на регионот во голема мера, односно до точка на запирање на пристапот на Западниот Балкан во ЕУ. Кога ова ќе се спои со фактот дека Брисел нема усвоено нова методологија за пристапувањето на Западниот Балкан, се чини дека европската иднина на регионот останува само реторичка и како таква – недостижна.
Приватните интереси во домашната политика се претставени од оние општествени играчи кои како поединци или преку рамките на нивните политички партии (и нивната предоминантност) на неформални начини склучуваат разни приватни „зделки“, со што се воспоставува систем на неформални практики и институции кои стануваат синоним за тоа како политичките елити ја водат земјата.
Под неформални практики и институции, мислам не само на различните форми на неформални зделки, што во речиси сите случаи се скриени од јавноста, кои ги заобиколуваат формалните државни институции и процесите на владеење на правото, туку дополнително и соодветниот систем на вредности што е поврзан со „неформалните институции како што се корупцијата, клиентелизмот, партикуларизмот односно штитењето поединечни интереси на штета на општодржавните, непотизмот итн.“, на тој начин рушејќи го „формалниот институционален капацитет“ на овие земји.
Не е чудо што граѓаните не им веруваат на институциите
Затоа, не е ни чудо што граѓаните имаат ниска доверба во државните институции кога знаат дека неформалните практики можат всушност да им помогнат во решавањето на проблемите со кои се соочуваат кога имаат работа со формалните државни институции и нивните правила и норми. Оттука, како што е сугерирано од претходно споменатите истражувања, „неформалните институции може да се покажат корисни во подобрувањето на ефикасноста на формалните институции преку олеснување на социјалната координација преку лични контакти“.
Ова, пак, неизбежно влијае на тоа како се одвива демократската транзиција во секоја земја која се соочува со истите проблеми, при што формалните практики на владеењето на правото и нејзините соодветни институции во суштина се поништени и неважечки. Како што тврди една група истражувачи во нивната публикација од 2016 година, чијшто уредник е Слободан Цвејиќ, неформалната природа на ваквиот систем „претставува важна карактеристика на постсоцијалистичките општества. Неформалните и личните мрежи кои датираат од социјалистичкиот период се важно наследство за развој на демократските системи и пазарната економија“, а Западен Балкан во никој случај не е исклучок од ова правило.
Приватни наспроти јавни интереси
На многу начини, регионот во голема мера наликува на секој друг посткомунистички дел од светот што е во транзиција, под влијание на неговото социјалистичко минато. Заедно со наследството од конфликтите во 90-тите години од минатиот век, а одржано во живот во националистичките политички дискурси што одвреме-навреме го потсетуваат остатокот од светот на насилното минато на Балканот, „извлекувањето максимални придобивки од моќта“ претставува почетен чекор кон создавање неформално влијание и системи на моќ во домашната политика.
Извор: europeanwesternbalkans.com
Политичките елити почнуваат да градат токму вакви системи по преземањето на контролата и потоа почнуваат да се шират постепено. Целта на целиот процес се врти околу тоа што политичките елити се решени „да ја прошират својата моќ и да го зацементираат своето влијание“, создавајќи систем каде приватните интереси и придобивки на тие што се вклучени ќе ги надминат и во суштина ќе ги заменат јавните потреби.
Конструирањето на споменатиот систем го подразбира фактот дека цементирањето на моќта неизбежно води до тоа елитите да акумулираат богатство, дозволувајќи им на оние што се на власт и оние блиски до нив да имаат огромна корист со тоа што ќе напредуваат поради неформалната структура и природата на креираниот систем. Овие системи со текот на времето се прошируваат и, очекувано, ги вклучуваат и оние од кои политичките елити можат да добијат финансиска корист, т.е. значајни економски влијателни домашни актери, што неизбежно води кон „штетни модели на владеење“. Овие модели на владеење се модели кои е многу тешко да се изменат, како што јасно покажува транзицијата на држави како што се Србија или Црна Гора, меѓу другите.
Кога ја споменавме Србија, важно е да се каже дека земјата која е предводник во процесот на пристапување во ЕУ, покрај Црна Гора, во исто време, честопати наидува на пречки во борбата против судири на интереси и корупција во високата политика, што е видливо во фактот дека „српската полиција и судство не реагираа на неколку случаи во кои министри беа обвинети за вмешаност во корупција и криминал“.
Се движиме во спротивна насока
Релативно скорешниот случај со Небојша Стефановиќ, сегашен министер за одбрана на Србија, кажува сè: во времето кога независни медиуми известија дека неговиот татко бил вмешан во договор за шверц на оружје, српските државни агенции жестоко го негираа судирот на интереси на министерот. Тука е и косовскиот случај што докажува колку е тешко да се намали влијанието на неформалните практики кои се длабоко вкоренети во формалниот систем на институции, со тоа што „политичкото мешање и контроверзните назначувања“ станаа рутински во државниот судски систем. Релативно скорешната одлука на Владата на Косово за „распуштање на работната група за борба против корупција“ е јасен показател за ова прашање, укажувајќи на тоа дека земјата се движи во погрешна насока.
Секако, има и изобилство докази од други држави во регионот кои во голема мера укажуваат на овој проблем. Хрватска, која веќе неколку години е членка на Унијата, покрај Македонија, е една од ретките држави во регионот каде (поранешни) политичари се осудени за профитерство и корупција. Сепак, овие осуди изненадувачки останаа без никакви импликации врз огромните системи на приватно влијание и моќ од кои казнетите политичари неминовно биле дел или кои ги управувале додека биле на функција. Знаејќи како функционираа овие и другите внатрешни политики на Западен Балкан во 90-тите години на минатиот век, тешко може да се замисли дека осудените лица дејствувале сами.
Едно истражување за Хрватска објавено пред речиси една година, што добро ја прикажува ситуацијата во целиот регион, укажува на тоа дека од приемот на земјата во ЕУ во средината на 2013 година, Загреб всушност не напредувал, туку назадувал во однос на бројот на нелиберални политики и практики, главно насочени кон „заробување независни агенции, контрола врз судството и слабеење на независните медиуми“.
Што (не) треба да се преземе
Во однос на ова, се чини прилично чудно, апсолутно тривијално и целосно непрофесионално да се судат поединци (читај „само некои поранешни политичари“) без да се земе предвид контекстот во кој дејствувале, позициите што ги имале во тоа време, како и влијанието што го имале за време на нивното време на функција. Токму овој вид на повремени јавни претстави, кои наводно претставуваат справување со корупцијата, откриваат колку овие држави се институционално слаби и неефективни и колку моќни и влијателни станале неформалните мрежи со текот на времето, и на крај колкава е реалната тежина на приватните интереси на инволвираните споредено со јавните интереси.
Ако елитите од Западен Балкан навистина сакаат успешно да ги трансформираат своите земји, тогаш тие едноставно мора да престанат со сета глума околу борбата против корупцијата и наводните подобрувања на владеењето на правото, бидејќи сегашната примена на соодветната законодавната рамка воопшто не функционира.
Ако функционираше, немаше да има само мал број (и ќе додадам, обично од понизок ранг) поединци/политичари зад решетки, туку таму ќе имаше и членови на сегашната политичка и економска елита кои треба да одговараат. Ваквата ситуација укажува на тоа дека не постои или постои само оскудна политичка волја за решавање на овој проблем, потсетувајќи нè сите нас дека Западниот Балкан оди во насока на „целосна контрола на државните институции во служба на елитите, наместо спроведување стандарди за институционално однесување“.
И на крај, од подеднаква важност е овие општества да се стремат кон менување на општествените вредности кои овозможија неформалните практики и институциите да станат олку моќни. Ова не зависи само од квалитетот на образованието или политичките елити што треба да го завршат лавовскиот дел од „работата“ по ова прашање, туку и од културните и социјалните елити кои исто така имаат голема одговорност за транзицијата и трансформацијата на овие општества да биде проследена со менување на општествените вредности.