Со оглед на стремежот за воспоставување на државни капацитети кои се потребни за да се постигнат нето-нула емисии до 2050 година, земјите во развој мора да соработуваат со развојните партнери на осмислување на иновативни механизми за финансирање. Новата иницијатива на Египет за климатско финансирање овозможува корисен модел со кој се обезбедува продолжување на економскиот развој и истовремено забрзување на климатските активности, пишуваат Раниа Ал-Машат и Ерик Берглоф за Республика.
Јазот кој постои помеѓу ресурсите кои се потребни за постигнување нето-нула емисии на стакленички гасови до 2050 година и ресурсите што се достапни во моментов изнесува трилиони долари, и тој постојано се зголемува. Со оглед на тоа дека голем број економии во развој беа ослабени во времето на пандемијата, неопходно е мобилизирање на јавниот и приватниот капитал со цел да се мобилизираат и забрзаат напорите за ублажување и адаптација.
Сепак, ова нешто бара од државите да изготват кредибилни планови кои ќе се остваруваат на глобалните цели за одржливост, потоа тие самите да ги осмислат и имплементираат овие политики и да обезбедат дека трошоците и придобивките од таквите стратегии се распределени на правичен начин.
Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени која се одржа во Египет (COP27), во ноември минатата година, наречена „имплементација на COP”, ја постави основата за еден поправеден и посилен систем за климатско финансирање. „Водичот“ на Конференцијата ја повика меѓународната заедница да спроведува трансформативна агенда која ги зема предвид националните приоритети на земјите во развој и која обезбедува правичен пристап до финансиските и техничките ресурси.
Во својата дефиниција за климатската правда, водичот вклучуваше „праведен пристап до квалитетно и квантитативно климатско финансирање“ кој ја зема предвид „историската одговорност за климатските промени“ и кој „подржува отпорни развојни патишта, не заборавајќи притоа на никого“.
Имајќи го ова предвид, за време на COP27 Египет ја покрена својата инвестициска програма наречена „Нексус од вода, храна и енергетика“ со што овозможи практичен и репликативен модел со кој се обезбедува праведна нето-нула транзиција на преку концептот на NWFE за „платформи на државите.” Овие платформи имаат за цел да им помогнат на земјите да изградат државни капацитети и да ја нагласат важноста од делување на земјите во развој (или „сопственост“ т.е. „носител“).
NWFE (се чита „нуафиај“ што на арапски значи „исполнување на ветувањата“ се надоврзува на обврските кои ги има Египет според Парискиот климатски договор од 2015 година и има за цел да привлече финансиска поддршка за развојната агенда на земјата, истовремено забрзувајќи ја климатската акција. Некои од засегнатите страни се мултилатерални развојни банки (МДБ) како што се Европската банка за обнова и развој, Африканската банка за развој, Европската инвестициска банка и Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата.
Платформата NWFE интегрира неколку проекти со висок приоритет кои се однесуваат на вода, храна и енергетика. Сите тие се избрани од владата на Египет и се во вкупна вредност од 14,7 милијарди долари. Проектите имаат за цел да ги заменат постојните неефикасни термоелектрани со обновлива енергија; потоа подобрување на адаптацијата на малите земјоделци кон климатските ризици; осовременување на земјоделските практики со цел да се зголеми ефикасноста на наводнувањето и да се зголемат приносите на земјоделските култури; зајакнување на отпорноста на ранливите региони; градење капацитет за десалинација на водата; и воспоставување системи за рано предупредување.
Преку користење на иновативни механизми за финансирање а со цел за мобилизирање јавни средства, техничка помош и приватни инвестиции, државата Египет се обидува да ги искористи своите партнерства со мултилатералните развојни банки и со другите засегнати страни кои се вклучени во развојот за да ја забрза својата климатска агенда. Ова ќе ја поддржи зелената транзиција на земјата и ќе покаже дека климатските активности и економскиот развој меѓусебно не се исклучуваат.
Египет, исто така, може да се потпре на овие партнерства за постепено да ги елиминира „кафеавата“нафта, гасот и минералните средства. На пример, делумната концесиска финансиска поддршка од Соединетите Американски Држави ќе ѝ овозможи на земјата да направи преквалификација (или да ги пензионира) работниците од секторот фосилни горива.
Сепак, најиновативниот инструмент би можел да биде замената (swaps) на долг-за-клима, што со други зборови значи дека Египет добива делумно олеснување на долгот од страна на, да речеме, Германија, во замена за обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови. Овие типови финансиски инструменти кои се поврзани со учинокот во работењето би можеле да им отворат на голем број на земји во развој и во подем можности да го намалат товарот на долгови или за возврат на тоа да добијат финансиски средства со ниски трошоци. Поврзувајќи ја развојната помош со напредокот кон заедничката глобална цел, ваквите замени може да се покажат како значајни фактори во ублажувањето на најлошите влијанија од климатските промени.
Како што е наведено во извештајот на групата на Г20 составена од еминентни лица за глобално финансиско управување од 2018 година, колективната активност преку државни платформи има моќно да ги „отклучи“ јавните и приватните инвестиции за да може да се постигне одржлив развој кој истовремено ќе биде и климатски отпорен. Ваквите инвестициски платформи можат да имаат различни форми. На пример, Партнерствата за праведна енергетска транзиција (JETPs) кои за првпат беа формирани за време на COP26 во Шкотска во 2021 година, имаат за цел да го насочат приватниот капитал кон остварување на целите за декарбонизација во енергетскиот сектор.
Откако беше покренат во Јужна Африка, дополнителни вакви JETP партнерства беа основани и во Индонезија, Индија, Виетнам и Сенегал.
Египетската NWFE иницијатива обезбедува еден корисен модел за тоа на кој начин земјите во развој можат да го забрзаат спроведувањето на своите национални климатски агенди во согласност со глобалните приоритети. Со поттикнување на координацијата меѓу домашните и надворешните заинтересирани страни, ваквите програми би можеле да помогнат да се премости јазот во информирањето, да се воспостават заеднички стандарди и да се зголеми бројот на проекти што би можеле да бидат финансирани.
Сепак, мора да се потенцира дека успехот на платформата зависи од домашните активности, транспарентноста и одговорноста во управувањето со овие партнерства. Што е најважно, зелената транзиција мора да се сфати како праведна транзиција ако сакаме истата да биде одржлива.
Предвидливоста е особено важна за оние кои се сиромашни, а правичноста има од суштинско значење доколку сакаме да обезбедиме долгорочна јавна поддршка за климатските мерки. Во насока на постигнување на овие цели, државите мора да имаат водечка улога во климатското финансирање. Преминот кон нето-нула емисии зависи од тоа.