Алармантна ситуација со пожарите: Во Пехчево пуштени се пет хеликоптери

Сподели

 

Поради алармантноста на ситуацијата со пожарите, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и и предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена.

Владата утрово во 08.30 часот одржa седница на која се разгледа ваквиот предлог.

Според последните податоци што ги соопшти вчера директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во земјава се активни 10 пожари, а најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.

 

„Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците“, изјави Стојанче Ангелов за МИА.

Во гаснењето се ангажирани се сите расположливи капацитети – на локалните самоуправи, Центарот за управување со кризи (ЦУК), војската, полицијата и граѓаните. Помош пристигна и од соседството, Србија и Бугарија, а денеска се очекува и засилувањето од Словенија – 16 противпожарни возила и 46 пожарникари.

Ангелов најави помош од Словенија и во летала, а тоа е побарано и од Грција, за што, како што информира, се очекува позитивен одговор.

 

 

За гасење на големиот шумски пожар во Пехчевско со кој беа зафатени селата Мачево, Робово и Умлена, првично беа испратени пет хеликоптери, два македонски и три српски, но веднаш по нивното пристигнување беа повлечени поради исклучително високите температури. Натчовечките напори на жителите, пожарникарите и сите инволвирани го спасија од опожарување манастирот „Св.Петка”.

Ангелов изјави дека во реонот на општина Пехчево пуштени се пет хеликоптери, уште рано наутро.

Синоќа пристигна помошта од Бугарија – пет противпожарни возила кои се вклучија во гасењето на пожарот кај маалото Пасјак во селото Нов Истевник.

Вечерта активни беа два пожари во реонот на Прилеп, еден кај Челопек во Старо Нагоричане, а активни жаришта имаше и кај Липац, Кумановско.

Владата вчера одлучи да им додели по 10 000 денари парична награда на вкупно 300 лица (пожарникари и  останати граѓани) кои помогнаа во гасењето на шумските пожари. Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. На седница што се одржа вчера, Владата го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со ДЗС и ЦУК, да обезбеди сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат околу пожарите.

Заклучено е и да се обезбедат податоци за прифаќање техничка помош и помош во работна сила, понудена од Швајцарија, за обновување на објектите кои претрпеле штети од пожарите