Централното Собрание на Алијансата за Албанците утре во Гостивар ќе одржи редовен состанок на кој ќе се разгледуваат состојбите во партијата и ќе се направат подготовките за партискиот конгрес.
Партиски извори за МИА брифираа дека меѓу темите ќе биде и одлуката дали Алијансата за Албанците ќе остане во владината коалиција. За оваа тема се очекува лидерот на партијата Зијадин Села да даде информација по разговорите со премиерот Зоран Заев од пред три дена.
На состанокот, кој е редовен, Централното собрание ќе го разгледува и извештајот на Централниот изборен штaб од локалните избори. Сепак, како што наведуваат истите извори, најмногу време ќе се посвети за подготовките за вториот конгрес на партијата, кој треба да се одржи на пролет.
Почетокот на состанокот е закажан за утре (недела) во 11 часот во ресторанот „Арена“ во Гостивар и на него се поканети делегати од партиските структури и ограноците.
Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села претходно, не го прифати понуденото вицепремиерско место за реформи во Владата во замена за позицијата министер за здравство. Села во четвртокот изјави дека Алијансата на Албанците останува на своите ставови за задржување на министерското место за здравство, кое остана празно откако Арбен Таравари стана градоначалник на Гостивар.