Алис Тејлор: Додека беснее војна во Украина, граѓаните на Албанија се борат за живеачка

Сподели

 

Додека војната во Украина продолжува да беснее, за илјадници Албанци континуирана битка е прехранувањето на своите семејства и да ги платат сметките. Нивните протести не се случуваат поради немање сочувство туку поради примарниот порив да се преживее, пишува Алис Тејлор за РесПублика.

На главниот булевар во Тирана забележуваме собир на група млади кои носат украински знамиња на своите раменици. Транспаренти и цвеќиња стојат нанижани над нивните глави за да го слават почетокот на летото, но овие луѓе не се собрале тука за да слават.

Албанските граѓани веќе седум дена протестираат поради поскапувањето на храната, горивото и струјата. И покрај тоа, Владата ги нарече овие луѓе национален срам и ги обвини дека нивните протести се во интерес на Русија и на Кремљ.

По руската инвазија на нејзиниот западен сосед, цените на горивото, струјата и на основните прехранбени производи значително се зголемија не само во Албанија туку и на глобално ниво. Ваквиот бран на поскапувања не ја одбегна ниту Албанија, но за нејзините граѓани, од кои една третина живеат под прагот на сиромаштија, се преголем товар кој мораат да го поднесат.

Државниот завод за статистика, ИНСТАТ, констатираше дека цената на 30 основни прехранбени производи се зголемила за 40% во периодот од месец јануари 2022 година досега, вклучувајќи ги тука месото, млечните производи, маслото за готвење и овошјето и зеленчукот. Цената на горивото се зголеми за 40%, а луѓето имаат проблем да ги платат зголемени сметки за струја.

Сè што сакаме е помош

Еден од организаторите, научникот, новинарката и активистката Резеарта Чаушај изјави за Exit дека „Владата ги исмева протестите, се обиде да ја намали нивната важност и се обиде да нè засрами затоа што протестираме во време на војна. Сепак, она што го бараме не е ништо повеќе од она што го имаат нашите соседи: помош за да можат потрошувачите и бизнисите да опстанат на површината имајќи ја предвид актуелната криза“.

Таа објасни дека неодамнешните даночни намалувања што ги најави Владата не се доволни, а товарот на крајот ќе биде префрлен на даночните обврзници.

„Тоа ќе има уште полошо влијание врз нашата економија, која и онака плива во корупција и која е контролирана од неколку олигарси кои се поврзани со владата, како што е случајот со трговијата со гориво, во која доминира Кастрати, кои се единствените кои имаат корист од тоа“, изјави таа.

Чаушај додаде дека повеќето Албанци живеат од своите плати од месец до месец и дека е „неморално нашата влада да има поголеми даночни приливи во време кога обичните граѓани едвај врзуваат крај со крај“.

Протестите што се одржаа низ целата земја ги обединија на едно место студентите, земјоделците, засегнатите страни во туризмот, активистите и обичните граѓани кои сите заедно се собраа на едни од најголемите непартиски демонстрации кои се случиле во последниве години.

Демонстрантите велат дека зголемените трошоци за храна, гориво и струја се премногу за една од најсиромашните нации во Европа каде минималната плата е само 240 евра.

Додека владата сепак презеде некои чекори за да ги заштити најранливите категории на луѓе во општеството, демонстрантите тврдат дека зголемувањето на трошоците е толку големо што дури и оние кои претходно не биле изложени на ризик од сиромаштија сега се соочуваат со тешки одлуки, како што се прехранување на своите семејства или загревање на своите домови.

Обединети против Русија

Премиерот Еди Рама негува реторика дека демонстрантите се платени, дека се милитанти и дека му „служат на Путин“. Чаушај беше цврста во своите негирања: „Јас на ниту еден начин не сум поддржана, ниту сум под влијание или поврзана на било каков начин со Русија или со било кого во Русија. Јас не ја поддржувам руската инвазија или инвазијата на која било друга земја.“

Мартин Ѓонај, претставник од туристичкиот сектор во земјата, исто така, јасно кажува дека не ја поддржува Русија и дека е „целосно против рускиот напад врз Украина, кој претставува напад врз една независна и демократска земја.“

„Exit“ исто така исконтактира и со Organizata Politike, левичарско движење на граѓанското општество кое е вклучено во организирањето на протестите. Во однос на темата за руско влијание или симпатии кон Москва, тие изјавија: „Категорично ја осудуваме инвазијата на Украина од страна на Владимир Путин и се солидаризираме со украинскиот народ кој се бори за својата слобода“.

 

Извор: impartialreporter.com

Што се однесува до нивната мотивација за учество на протестите, тие објаснија дека веруваат дека најдобар начин на изразување незадоволство и за борба против репресијата се токму протестите.

„Ова е единствената надеж за тоа да ѝ поставиме предизвик на консолидираната владејачка елита која се состои од неколку олигарси“, велат тие.

Кога станува збор за поскапувањата, тие рекоа дека е неприфатливо зголемувањето на цената на горивата за 40 отсто, што е еднакво на 20 отсто од дневниот приход во Албанија.

„Тоа е шпекулативен маневар на Еди Рама и на олигарсите кои ја контролираат дејноста со гориво во Албанија. Ова доведе до општ пораст на цените на потрошувачката кошница, нешто што го сметаме за кривично дело во земја каде што 1/3 од населението живее под прагот на сиромаштија и има најниска минимална плата во регионот“.

Ендемска заробена држава

Демонстрантите сметаат дека обидот за одвраќање на вниманието од страна на владата е намерно и се прави во обид да се одвлече вниманието од другите поплаки; политичарите во Албанија дозволуваат манипулација на пазарот по налог на моќни олигарси и се инволвирани во корупција и финансиски криминал.

Навистина, според неколку различни извештаи, вклучувајќи ги и Транспаренси интернешенел, Албанија се смета за земја која е изложена на значителен ризик од тоа да биде заробена држава и на несоодветно влијание од бизнис елитата.

Organizata Politike ја критикуваше владата за континуираниот „несоодветен одговор“ на земјотресот кој се случи во 2019 година во кој загинаа 51 лице, на пандемијата со Ковид-19 и на последиците од војната на Русија со Украина.

„Општото чувство на фрустрација во Албанија потекнува од долгогодишното ограбување на јавните ресурси за лична добивка на неколку поединци, како и од општата неспособност на владата во управувањето со кризите. На крајот, народот реагира“, велат тие.

Чаушај, исто така, истакна дека владата постојано користела „воена реторика“ за пандемијата и за другите кризи, но не успеала соодветно да им помогне на граѓаните.

На прашањето за тоа која е причината за нејзиното незадоволство од владата, Ѓонај наведува корупција, лошо владеење, злоупотреба на власта, фаворизирање на монополи и олигополи – кои вели дека стануваат уште поочигледни во време на криза.

„Ја гледам потребата од граѓански одговор на оваа ситуација, така што им се придружив на десетици илјади активисти и граѓани во овие протести“, рече таа.

Сè што сакам е демократија и слобода

„Exit“ контактираше и со Арбен Кола, туристички водич и активист, кој неодамна беше во тридневен притвор поради протестирање.

„Протестирам за демократија, слобода, мир, просперитет и казна за оние кои украдоа албански народни пари, земја и кои уништија сè – од тешка индустрија до прекрасни реки и национални паркови.

Арбен, кој ги поминува викендите така што организира јавни кампањи за чистење на реките и езерата низ целата земја, исто така посакува вистинска изборна реформа која ќе ја вклучи и дијаспората.

„Сакаме да избегнеме нова диктатура или некој како Путин на власт“, ​​вели тој, климајќи со главата во однос на 50-годишното комунистичко минато на Албанија.

На прашањето за тврдењата за руско влијание на протестите, тој едноставно одговори: „Рама е тој што индиректно ја поддржува Русија преку Отворен Балкан и неговиот однос со Вучиќ“.

Тој се осврнува на иницијативата „Отворен Балкан“, која ги опфаќа Албанија, Србија и Македонија а која предвидува слободна трговија и патување во овие земји.

Неговата фракција на демонстранти верува дека на албанското општество и на неговите припадници им е потребна максимална поддршка од страна на владата и дека нејзиниот неуспех да го стори тоа доведува до зголемена сиромаштија и високи стапки на иселување.

Разни фракции на демонстрантите ѝ поставија барања на владата ѝ и дадоа рок да одговори до сабота, 19 март. Доколку не бидат исполнети овие барања, демонстрантите повторно ќе се соберат во центарот на градот за да маршираат до канцеларијата на Рама барајќи социјална и економска сигурност.

Додека војната во Украина продолжува да беснее, за илјадници Албанци континуирана битка е прехранувањето на своите семејства и да ги платат сметките. Нивните протести не се случуваат поради немање сочувство туку поради примарниот порив да се преживее.