„Амнести интернешнел“: СЈО продолжува да се соочува со притисоци

Сподели

Специјалното јавно обвинителство кое беше назначено од Собранието во 2015 година да ја истражи вмешаноста на функционери во скандалот со прислушувањето и вмешаноста на политичари во криминал, продолжува да се соочува со притисоци во извршувањето на својата работа, стои во Извештајот на „Амнести интернешенел“ за состојбите со човековите права за 2016/2017 година.

– Во октомври (минатата година, н.з.) транзициониот парламент, го одби предлогот за продолжување на мандатот на СЈО, кој истекува во јуни 2017 година, за завршување на сите истраги, како и предлогот за подобар пристап до програмите за заштита на сведоци (барањето за измени на Законот за заштита на сведоци, н.з.) вклучени во истрагите на СЈО – се нотира во извештајот на АИ.

Во делот кој се однесува на Македонија, исто така е нотирана дискриминацијата на Ромите во земјава во остварувањето на основните прави и услуги. Во врска со мигрантската криза, АИ во извештајот наведува дека бегалците и мигрантите од страна на македонските власти рутински се враќаат назад во Грција, додека оние кои се затекнати во земјава, пред затворањето на границите, се сместени во неадекватни кампови и сместувачки центри за странци и за баратели на азил.

Извештајот, во кој се опфатени 159 земји, оценува дека човековите права во светот се загрозени поради политичарите, кои користат „отровна, и во најмала рака нехумана реторика“ против етничките или верските малцинства.

Генералниот секретар на организацијата со седиште во Лондон, Салил Шети, вели дека „стравот и подбуцнувањата создаваат раздори и поопасен свет“. Според него, говорот на омраза во светот го достиганал своето најлошо ниво во политиката уште од 1930-тите години и дека на 2017 година ѝ требаат херои во борбата против омразата.

meta.mk