Андреас Трајковски од АК “Работнички” го собори македонскиот рекорд на 100 метри

Сподели

 

Во саботата, на 11 јуни, Андреас Трајковски, член на АК Работнички го собори Македонскиот рекорд на 100 метри.

 

 

На атлетски митинг одржан во Копенхаген, Андреас учествуваше во трката на 100 метри со што оствари резултат од 10 секунди и 50 стотинки, што претставува нов Македонски рекорд во оваа дисциплина. (Досегашниот рекорд на Македонија во ова дисциплина изнесуваше 10 секунди и 59 стотинки, поставен на 1 мај оваа година од страна на Јован Стојоски).

Со овој резултат и нов рекорд, атлетичарот го освои 3-то место на митингот и уште еднаш ја потврди одличната форма во која се наоѓа оваа сезона.

 

 

Трајковски покрај овој рекорд, го носи и рекордот во скок во далечина, 7 метри и 60 сантиметри, кој го постави на 17 мај оваа година  во Александрија (Грција). Од почетокот на оваа година доби дозвола да настапува за Македонија (претходно настапуваше за Данска), и на неговиот прв меѓународен натпревар за македонскиот дрес  во март освои бронзен медал во скок во далечина на Балканијадата во сала во Истанбул (Турција), додека пак пред две недели рекордерот настапи на Купот на Македонија во Скопје за својот клуб АК Работнички и тогаш се издвои со победи во 4 дисциплини (100 метри, 200 метри, скок во далечина и штафета 4 х 100 метри).

 

 

Во следниот период Андреас го очекуваат неколку важни меѓународни натпревари во скок во далечина. Почнувајќи од 16 јуни кога ќе настапи на меѓународен атлетски митинг во Копенхаген кој е во серијата на Бронзени митинзи од Светската атлетска федерација (ќе биде пренесуван на Еуроспорт 2). Веднаш потоа, на 18 јуни ќе настапи во скок во далечина за атлетската репрезентација на Македонија на Балканските игри во Крајова (Романија), додека на 1 јули ќе ја претставува Македонија во истата дисциплина на Медитеранските Игри во Оран (Алжир).