Анкета: Граѓаните сомничави кон медиумите, но не ги проверуваат

Сподели

Иако граѓаните се сомневаат во објавените информации од медиумите, ретко преземаат мерки за проверка на нивниот кредибилитет и вистинитост. Ова го покажа истражувањето на јавното мислење „Практиките и перцепциите на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализираше во текот на февруари.

Прашани за способноста за препознавање дезинформации, 41 % од испитаниците сметаат дека понекогаш успеваат, 29 % веруваат дека секогаш можат да ја детектираат вистинитоста на информацијата, додека 11 % признаваат дека воопшто не можат да ги разликуваат лажните од вистинитите информации. Сепак, дури 80 % од испитаниците ретко или воопшто не го проверуваат авторот на веста, а 71 % ретко или воопшто не го проверуваат издавачот. Во однос на тоа колку често се случувало да споделат информации за кои подоцна е утврдено дека се неточни, мнозинството граѓани (52 %) сметаат дека се случувало, но не толку често, додека високи 40% се уверени дека информациите што ги споделуваат секогаш се вистинити. Во однос на изворите на дезинформации, 36 % од испитаниците сметаат дека политичките партии се главниот извор на ширење дезинформации, 12 % ја посочуваат медиумската сфера, а 4 % ги наведуваат државните институции. Меѓутоа, речиси половина од испитаниците (47 %) сметаат дека сите тие заедно се чести извори за ширење дезинформации помеѓу граѓаните.

Перцепцијата за доверливоста на медиумите е поделена: 29 % од граѓаните се сомневаат во сѐ што се објавува, а ист процент ја проверуваат истата вест во други релевантни медиуми, додека само 21 % веруваат дека доколку нешто е објавено, тогаш е точно. Во однос на квалитетот на медиумските содржини, 74 % од испитаниците споделуваат мислење дека медиумите пренесуваат само основни или површни информации, без длабинска анализа. Теми од најголем интерес за испитаниците се здравството, јавните финансии и образованието.

Истражувањето покажа дека 51 % од граѓаните се информираат неколку пати во текот на денот, додека 27 % го прават тоа еднаш дневно, што упатува на заклучокот дека висок процент од испитаниците секојдневно се информираат на различни теми. Телевизијата, социјалните медиуми и онлајн-порталите остануваат најчести извори на информации, додека помалку од 10 % се потпираат на лични контакти за добивање вести.

Спроведувач на анкетата беше Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на репрезентативен примерок од 1 000 полнолетни граѓани од различни региони низ државата. ИКС го реализираше истражувањето на јавното мислење во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.