Државната антикорупциска комисија отвори случаи против повеќе судии за злоупотреби и коруптивни дејствија. Комисијата ќе ја испитува имотната состојба на судијата од Кривичен суд Владимир Панчевски, потоа на претседателот на Врховен Суд, Јово Вангеловски, како и судијките Александра Зафировска, Светлана Костова и Софија Лаличиќ. Претседателката на Комисијата, Билјана Илиевска на денешната седница рече дека ќе се проверуваат нивните анкетни листови и изјавите за интереси врз основа на извештајот за човекови права,
Имињата на Вангеловски, Зафировска, Лаличиќ, Костова и Панчевски се најдоа во најновиот извештај на Стејт департментот за човекови права во кој се посочува специјалниот извештај на СЈО за овие судии, кои како што пишува, дозволиле политиката директно да се вмеша во судството.
По допрен глас ќе се испитува и имотната состојба на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, Илија Исајловски и Кирил Божиновски.
Ќе се истражува и дали имало корупција во постапките за јавни набавки при изработка и ревизија на ДУП-овите во општина Центар.
По допрен глас ќе отворат и предмети за судир на интереси на Јордан Тасевски, внук на судијата Владимир Панчевски и Марија Димитровска, исто така внука на Панчевски, и за сопругата на поранешниот министер Спиро Ристовски, Маја Ристовска, која е вработена во МАПАС.