АНТИМАКЕДОНСКОТО ПОДЗЕМЈЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Нема денеска ниедна патека, по која не беснее хајка кон хуманизмот. Сите сме втурнати во грдиот мрак на глобалниот империјализам. И неговиот милитаризам.

Александар Литовски

Кај нас засилен и со големобугаризмот и големоалбанизмот, кои непречено се пропагираат и заради кои темнината станува сè подебела и сè понепроѕирна. Во нашата „концертна сала“, се чини, сите влезници се распродадени за гласниците на антимакедонизмот, глупоста и несреќата, а во време на тој долготраен и мачен антимакедонски и антицивилизациски реквием, некаде околу одекнува врескањето од нашата локална пијана крчма, во која се одвива бесна гоштевка на национално одродените проститутки и неолиберално отчовечените силеџии.

Во овие наши дни на воено лудило никој нема поим за што всушност се работи, освен можеби неколкумина плутократи кои сакаат да го зачуваат неоколонијалниот светски поредок и нивните малубројни идеолози и режисери. Светот, а и ние со него, ќе дотуркаме до гробарската мотика, ако не се запре воениот танц на смртта кој го играат лудите старци со дозвола да го притиснат црвеното нуклеарно копче. Бунтот против милитаризмот е нужен, оти само со дрдорење и здодевно кукање нема да го очовечиме сето тоа што е расчовечено во човека, сето раздуховено и расипано низ премиерските и министерските кабинети. Поинаку речено, во овие мачни волчи години, во владеењето на сеопштата воена психоза, не може луѓето да се тешат со јаловата утеха дека се немоќни пред силниците на денот. Истото важи и за нашите локално-македонски состојби.

Страшното, мрачно, сурово антимакедонско подземје мрмори или урла, лаже или подметнува, заплашува или демонизира, а со странски пари и поткупува и корумпира, сè она што може да се регрутира за фронтот против македонизмот. Така внатре се создава врховистички антимакедонски шљам, кој сабаритски лока, ждере и оргија од Скопје до Софија и од Будимпешта до Тирана, а попатно глуми „патриотизам“ и краде сè што може да се украде. Сите тие одроденици со својата отровна врховистичка памет, упорно шират бесмислени лаги и измислици за македонството низ минатото, особено за македонската националноослободителна партизанска борба и државотворниот социјалистички развоен период и, упорно, настојуваат да ги упропастат македонските перспективи за слободен национален развој и вбројување во цивилизираниот свет.

Дека, бугаро-врховистичките и балистичките желби и цели се присвојување на Македонија и уништување на македонскиот национален идентитет, на сите им е јасно, ама дека нема политички организирана и државно-логистички осмислена борба за да се спречи антимакедонското лудило, тоа останува во сферата на крајно ирационалното и неразбирливото. Живееме ние Македонците, во една смртоносна бесмисленост на настаните околу нашето постоење. Во оваа ситуација, вториот голем проблем, е што, како термити, се размножи и распространи оној сој на квазимакедонски луѓе, кои идеолошки се задоени со пробугарска и проалбанска пропаганда и кои се движат во маѓепсаниот и бесмислен круг на романтичарските големобугарски и големоалбански сугестии. Сугестии што кај заболените пациенти не само што произведуваат загадена и болна родоотстапничка свест, туку ја уништуваат нивната морална совест, па затоа не постои криминално, антинационално и антидржавно дело што тие не се подготвени со задоволство да го извршат. Тоа е еден опскурен свет со заматена свест која нема многу врска со вистината, но затоа е во тесна корелација со антимакедонските интереси на соседите. Дури не треба ниту да се елаборира, оти е сосема очигледно дека носители на ова антимакедонство денес се најконзервативните, најстаромодните, најниско интелигентните поединци, групирани и организирани во нивните пропагандно-политички организации, кои често, апокрифно, се нарекуваат „културни клубови“.

Кој има македонска национална свест и кој има основно и пристојно чувство на лојалност кон државата македонска, не може и не треба да им верува на срцепарателните митови на врховизмот, големобугаризмот и големоалбанизмот, кои сакаат да предизвикаат македонското национално флуктуирање и колебање, и преку тоа да воспостават подлога за идно целосно уништување на јасниот македонски национален идентитет и македонската држава. Секако, сите борци за македонството, нормалноста и вистината, сите кои јавно го изразуваа и го изразуваат своето несогласување со антимакедонскиот милитаризам и експанзионизам, ќе ги имаат против себе сите оние странски платеници и врховистички и балистички наследници, кои агресивно ги бранат туѓите идеали и интереси. Но, тоа треба да се разбере и прифати како дел од долготрајната и необично тешка борба за нашиот политички, интелектуален, морален и национален опстанок и во таа борба против антимакедонската врховистичка мафија треба да се издржи без никакво двоумење и без ниту најмало отстапување и потклекнување.