Апелација потврди: Груевски оди 2 години во затвор

Сподели

Затворската казна од 2 години за експремиерот Никола Груевски ја потврди Апелациониот суд Скопје. Казната е за незаконито влијание на обвинетиот Груевски за набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“, кое тие не можеле да го одбијат зашто им бил шеф, премиер. Казната на осудениот Ѓоко Поповски му е намалена од 6,5 на 4, 5 години.

„Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост.

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди“, соопшти Апелациониот суд во Скопје.