„Арчелор Митал“ доби 90-дневна забрана за работа поради загадувањето на Вардар

Сподели

„Арчерол Митал“ фирмата која во неделата го загади Вардар со испуштање на отпадни води со хемикалии во канализациониот одвод, ќе биде казнета со забрана за дејност на погонот кој ја предизвикал хаваријата, во времетраење од 90 дена.

За ова денес информираат од Државниот инспекторат за животна средина, со напомена дека се работи за максимално времетраење на забрана за работа, предвидено со закон.

„Во овој период, субјектот има време да ги изврши потребните поправки, по што инспекцијата ќе изврши увид во сработеното“, изјави за „Мета“, Дарко Блинков раководител на Секторот за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат.

Според Блинков, до петок ќе биде утврдено од која категорија е делото за кое е изречена овааа мерка и тогаш ќе се знае како и колку ќе биде казнет „Арчелор Митал“, поточно новото првно лице „Либерти Хаус Груп“ како нов сопственик на оваа компанија.

„Во инспекциската постапка после изготвениот записник следи решение, а инспекторот што го води случајот самостојно одлучува за тоа, која категорија е прекршокот и дали ќе има покренување и на кривична постапка“, вели Блинков.

Според појаснувањето добиено од Државниот инспекторат за животна средина, постојат три категории на прекршоци согласно Законот за животна средина. За првите две категории, за кои се предвидени помали глоби, инспекторот поднесува платен налог и доколку во рок од осум дена не се плати целата сума, надлежниот инспектор покренува прекршочна постапка до надлежната комисија за прекршоци при Министерство за животна средина и натаму одлучува Комисијата. Таков случај, потсетува Блинков, беше случајот со казнувањето на Дрисла.

„За прекршок од трета категорија, за која казната се движи од 70 до 100 илјади евра за правното лице, односно една третина од таа сума за раководното лице на фирмата, задолжително се поднесува записник за спогодување и доколку фирмата која сторила прекршок го прифати тогаш отпочнува постапка за спогодување која ја води една друга комисија при Министерство за животна средина, Комисијата за спогодување“, вели Блинков.

Доколку не успее спогодувањето, целиот предмет оди на Основен суд, а судот може да го врати предметот повторно на првостепениот орган на одлучување.

На прашањето на „Мета“ дали новиот сопственик на „Арчелор Митал“ заедно со фирмата ја наследил и интегрираната А еколошка дозвола за работа која компанијата ја поседувала, Блинков со одговор дека се работи за еден ист правен субјект кај кој е променето сопствеништвото па, според тоа, тој си ја задржал и еколошката дозвола.

Само за потсетување, имателите на А-интегрирани еколошки дозволи за работа се фирми и компании, чиешто работење, од еколошки аспект го контролира државата, а не локалната самоуправа, односно Државниот инспекторат за животната средина. Исто така, носителот на А дозволата има обврска своите отпадни води да ги преработи пред да ги испушти во канализацискиот систем или во водните текови до втор степен на чистота на испуштената вода.

Според наодите на лабораторијата при ЈП Водовод и канализација, кој ги испитуваше мострите од загадената вода од еколошкиот инцидент во неделата кога водите на Вардар се обоија во боја на рѓа, а снимките набргу „пламнаа“ на социјалните мрежи, во неа биле пронајдени високи концентрации на железо и на хлороводородна киселина која е високотоксична и опасна по растителниот и животинскиот свет, како и за полевање и користење од страна на човекот.