Арената „Филип II“ ќе се ребрендира во Телеком Арена

Сподели

arena

Националната арена „Филип II“ ќе се ребрендира и именува во „Телеком Арена“. Договорот за соработка денеска го потпишаа „Македонски Телеком“ и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, јавува A1on.mk

Брендираната Телеком Арена ќе биде домаќин на Супер Купот на УЕФА во 2017 година на кој ќе учествуваат победниците на Лигата на шампионите на УЕФА и Лигата на Европа на УЕФА за 2016-17 година.

– Нашата поддршка ќе обезбеди промоција на Телеком Арената во пошироки рамки по примерот на светски познатите стадиони, но и дополнително ќе го поттикнеме здравиот начин на живот и развојот на спортски дух кај граѓаните во државата, истакна главниот извршен директор на Македонски Телеком, Андреас Маиерхофер.

Според генералниот директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, со брендирањето на Националната Арена во Телеком Арена, Република Македонија се приближува чекор напред кон светски прифатените трендови во спортската индустрија.

Арената „Филип II“ е со капацитет од над 33.000 посетители и е целосно усогласен со стандардите на ФИФА и УЕФА.