Архивско богатство: Нови каталози за историјата на Скопје, Тетово и Штип

Сподели

 

Во рамките на издавачката дејност, Државниот архив објави три каталози наменети за изложбите „Скопска градска општина“, „Документарното богатство на тетовскиот Архив“ и „Документарното богатство на Архивот во Штип“.
 
Државните архиви имаат различни улоги во општеството, но неизбежни се оние кои велат дека тие се чувари на меморијата, културни институции и инструменти за добро владеење. Во таа насока говорат и трите каталози, низ кои се проследува само еден помал дел од богатството од фондови со кои располага Државниот архив и неговите одделенија во Скопје, Тетово и во Штип. Каталогот „Скопска градска општина“ со повеќе од 300 документи и фотографии дава континуирани податоци за организацијата на власта, управата и јавните служби од втората половина на 19 век, односно преку поседуваната архивска документација дава преглед од функционирањето на Скопската турска општина, па сѐ до денес. Ги извлекуваат сеќавањата за конкретни теми, периоди, настани, процеси, личности и места, но и трансформацијата која градот Скопје ја доживува токму со дејствувањето на градските татковци.
 
 
 
 
 
Каталозите „Документарното богатство на тетовскиот Архив“ и „Документарното богатство на Архивот во Штип“ хронолошки го проследуваат фондовското богатство на архивските одделенија во Тетово и Штип. Почнувајќи од средновековниот период, турскиот период, периодот на Балканските и Првата светска војна, периодот меѓу двете светски војни, Втората светска војна и завршувајќи со ослободувањето и развојот на тамошните институции, тие ги понудуваат најзначајните документи за развојот на градот и управната организација, формирањето на локалните управи по ослободувањето, воведувањето повеќепартиски систем, развојот на стопанството, културата и образованието, спортот и спортските активности, туризмот и сл.