Полковникот на АРМ Драган Ковачки, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, добил дисциплинска мерка од една третина пониска плата во траење од шест месеци поради своите јавни партиски настапи и јавни закани и клевети против началникот на Генералштабот и против Врховниот командант, претседателот Пендаровски. Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ денес пратија одговор на прашање на „Мета“ за постапката против Ковачки.
„По иницијатива на началникот на Генералштабот, преку командантот на Командата за операции, Главната военодисциплинска комисија расправаше за утврдување на дисциплинска одговорност на полковник Драган Ковачки по три основи: испратена порака преку Вибер до началникот на Генералштабот во која се изнесуваат закани, клевети и обвинувања, политички пост на Фејсбук профилот на полковникот Ковачки во кој се изнесуваат неосновани обвинувања за врховниот командант на Армијата, претседателот Пендаровски и јавните настапи на полковникот Ковачки при што тој не ги почитува насоките од Правилото за односи со јавноста на Армијата, усвоено во 2016 година“, се наведува во одговорот.
Главната военодисциплинска комисија утврдила дека Ковачки сторил дисциплински престап, што е потешка од двете категории повреди на воената дисциплина опишани во Законот за служба во АРМ. Полковникот ја повредил воената дисциплина по пет основи, односно по пет точки од член 131. став 2:
13) повреда на достоинството и авторитетот на претпоставен и постар;
17) непочитување на редот и дисциплината пропишани со правилата за ред и дисциплина;
22) непреземање на мерки и постапки за примена на законските и подзаконските прописи;
28) постапка со која секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, воениот и цивилниот персонал не води сметка за своите постапки, непримерно се однесува, не ја репрезентира Армијата и не го чува угледот и достоинството на Армијата;
31) друго постапување спротивно на правилата и прописите за вршење воена служба и овој закон.
Во следниот член, Законот ги опишува казните за дисциплински престап на активен воен персонал, активна резерва и цивилен персонал:
1) парична казна во висина од 10% до 30% од едномесечниот износ на платата исплатена во последниот месец пред извршувањето на дисциплинскиот престап во траење од еден до шест месеци на активниот воен и цивилен персонал, односно 10% до 30% од едномесечниот износ на исплатениот месечен надоместок на активна резерва;
2) забрана за унапредување во повисок чин за време од една година;
3) забрана за остварување на право за повисок степен на кариера за време од една година;
4) одземање на чин и враќање во претходниот чин;
5) губење на чин и
6) престанок на работниот однос, односно престанок на статус на активен воен персонал.
„Главната военодисциплинска комисија предложи најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува престанок на работниот однос. Министерката Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оцени оваа мерка за престрога. Со оглед утврдената вина од Воено дисциплинската комисија за однесувањето на полковникот Ковачки, началникот на Генералштабот како надлежен старешина ја донесе и спроведе следната пониска дисциплинска мерка, а тоа е парична казна во висина од 30% од едномесечниот износ на платата исплатено во последниот месец во траење од шест месеци. Со тоа МО и ГШ покажаа дека целосно ги почитуваат сите законски одредби, но во исто време дека истото го очекуваат и од страна на армиските старешини за кои законите мора подеднакво да важат и кои мора да понесат одговорност кога истите ги прекршуваат“, наведуваат МО и ГШ во одговорот.