„Арс Ламина“ го реобјавува целокупното творештво од Оливера Николова

Сподели

 

На денешен ден (11 март), во 1936 година во Скопје е родена една од најплодните, најнаградувани и најзначајни македонски писателки, Оливера Николова.
 
Во чест на нејзиниот 86-ти роденден, со особено задоволство најавуваме дека издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, го реобјавува целокупното творештво за возрасни од Николова.
 
Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Уредник на изданието е Оливера Ќорвезироска.
 
Станува збор за 12 наслови, спакувани во 10 тома: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски ) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска). Овие дела, кои се и своевиден подарок за идните поколенија, ќе бидат претставени пред јавноста на свечен промотивен настан, чиишто детали ќе ги објавиме наскоро, информираат од „Арс Ламина“.