Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави најновиот извештај од мониторингот на медиумското известување, кој го опфаќа периодот пред почетокот на изборната кампања, односно 16 до 24 септември 2017 година. Во него се забележува дека некои телевизии не го спроведувале новинарскиот принцип за известување, туку се однесувале навивачки.
Во извештајот на АВМУ првин се забележува дека поради извештаите за учеството на Генералното Собрание на ООН, како и извештаите за отчетите на одделни министерства, во тој период на анализата ја прават македонската влада меѓу најзастапените теми во централните изданија на радио и на телевизиските дневници. Втора по застапеност била парламентарната расправа во врска со предлог-законот за употребата на јазиците.
Потоа се посочуваат проблемите со непристрасното информирање.
„И во овој извештаен период, МРТ 1 не ја следеше одредбата од своите Правила за медиумско покривање на Локалните избори 2017, според која во вестите до почетокот на изборната кампања „ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија““, се вели во најновиот извештај на АВМУ.
Сепак, како најголеми проблеми се посочени ТВ Нова и ТВ Алфа, кои биле насочени главно кон информирање за активностите на најголемата опозициска партија, а се одбележува и сериозен прекршок на Радио Слободна Македонија.
„ТВ Нова и ТВ Алфа, иако со помал обем од претходните извештајни периоди, останаа фокусирани на информациите за активностите, ставовите и реакциите на најголемата опозициска партија. Радио Слободна Македонија повторно ја репризираше емисијата „Земјо Македонска, која изобилува со вулгарен и непристоен речник, односно е во спротивност со професионалното начело за негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и за заштита на приватноста и достоинството на личноста“, се вели во новиот извештај на АВМУ.