Претседателот на САД, Џо Бајден го укина декретот на својот претходник Доналд Трамп, со кој беше прогласена вонредна состојба на границата со Мексико, за да обезбеди финансии за изградба на ѕид, пренесува МИА.
Во писмото упатено до претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, Бајден го извести Конгресот дека одлуката на Трамп биле „неоправдана“ и оти парите од даночните обврзници повеќе нема да се трошат за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Писмото до Конгресот претставува само формалност, бидејќи Бајден веќе ја стопира изградбата на ѕидот кон Мексико.
Трамп во 2019 година го заобиколи Конгресот, кој не одобри изградбата на ѕид и прогласи вонредна состојба на јужната граница и на тој начин повлече пари од буџетот за одбрана.
Во јануари 2017 година кога Трамп дојде на власт, на границата со Мексико веќе постоеја различни видови ограда во должина од 1.000 километри. За време на неговиот мандат подигнат е ѕид во должина од повеќе од 720 километри на границата долга 3.145 километри. За време на мандатот на Трамп за изградба на ѕидот потрошени се околу 25 милијарди долари.