Денеска во Охрид со прием од страна на градоначалникот Константин Георгиевски, започнува традиционалниот Балкански камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, на кој ќе учествуваат млади автори, поетски надежи од Бугарија, Србија, Албанија и нашата земја.
Согласно препораките на Министерството за култура, Кампот ќе се одржи со примена на јастрогите протоколи за заштита.
По приемот и свеченото отворање, во Големата сала на општина Охрид, делегација од група млади и нивни наставници, ќе положи цвеќе на гробот на Ванчо Николески, родоначалникот на македонската литература за деца и млади, на неговото вечно почивалиште на Градските гробишта во Охрид.
Содржината од првиот ден ќе биде исполнета со посета на Вевчани, прием од страна на градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, како и разглед на вевчанските извори и Спомен куќата на Михајло Пупин, чии претци живееле во ова село.
Исто така во 16 часот, учесниците на Кампот ќе бидат примени од директорот на Струшките вечери на поезијата.
За жал, најавената средба со писателот, академик Луан Старова, автор на десетина романи низ кои се провлекува темата за балканската сага, од здравствени причини, не може да се одржи. Затоа, на учесниците ќе им бидат подарени негови романи, на истата тема.
На вториот ден, во вторник, учесниците се селат во општина Дебрца. Во Белчишта ќе ги прими градоначалникот на општината Зоран Ногачески, по што ќе ја посетат изложбената поставка од најстарата ликовна колонија во земјата “Дебрца”, како и прекрасниот предел на недопрена природа – резерватот Сини Вирој.
Втората вечер, учесниците ќе бидат сместени во комплексот Етно село-Андревци, во село Годивје, каде ќе можат да ја разгледаат една од најголемите збирки на оригинални народни носии, реквизити од покуќнина и други стари и автентични предмети.
Третиот и завршен ден, учесниците ќе го минат во селото Црвена Вода, каде ќе бидат во можност да создаваат на извориштето на детската и поезијата на млади, да ја посетат родната куќа на Ванчо Николески, како и Спомен собата во училиштето каде самиот поет и писател за деца и млади бил ученик, а потоа и наставник.
Балкански камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, се одржува во организација на Здружението “Мацково”, со финасиска поддршка на Министерството за култура, општините Охрид и Дебрца и под патронат на Светската академија на поезијата на УНЕСКО, чија претседателка д-р Лаура Троиси и годинава испрати специјално Послание.
За здружение “Мацково”, Веле Митаноски