Започна 5-тото издание на Форумот за мир што се одржува во Базел, Швајцарија. На овој форум каде што учествуваат познати политички личности, активисти на организации, академски експерти, бизнисмени од целиот свет, се дискутира за ефектите на пандемијата на коронавирусот врз нашите животи, известува Порталб.мк.
На Форумот кој се одржува онлајн и ќе трае три дена се дискутира за тоа кои се последиците од ковид-19 во одржување на мирот и поттикнување конфликти во различни градови во светот, дали државите стануваат поконкурентни, дали пандемијата ќе биде поттик за повеќе заеднички напори и заедничка грижа помеѓу нив.
Претставник и говорник на овој Форум од нашата држава е директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари кој ќе говори на панелот за активизам на социјалните мрежи, денеска 21 јануари во 13 часот.
Јашари вели дека во наш контекст, активизмот воопшто, a не само дигиталниот активизам, е предизвик.
„Премногу често, а тоа беше уште поизразено во минатото за време на претходниот режим, луѓето престануваат да се борат и нивниот активизам за социјална правда и еднаквост има повеќе смисла за покажување лојалност кон владејачката политичка партијa, за што за возврат очекуваат да добијат работно место или некој друг вид економски бенефит,“ истакна Јашари.
Тој додаде дека за да бидат активни, на луѓето им е потребна кауза и тие дејствуваат само ако навистина се грижат за нешто.
„Тука социјалните мрежи играат важна улога, тие помагаат во подигнување на свеста и споделување на разни информации и пораки. Сето ова е критичен дел од активизмот, но мора да се претвори во акција за промовирање на вистински промени. Исто така, треба да се користи заедно со традиционалните форми на активизам за да биде успешен,“ потенцира Јашари.
По завршувањето на говорите, ќе се одржи и работилница на оваа тема на која ќе бидат презентирани различни форми на дигитален активизам на социјалните мрежи во земјите погодени од конфликти.
„Во многу земји имало протести за време на пандемијата, кои се можностите и ризиците доколку протестите се дигитализираат?,“ се вели во описот на работилницата.
На овој форум ќе се обрати и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
Форумот за мир во Базел е прв од ваков вид во светот, кој се занимава со прашањето на светскиот мир на различни начини и на високи нивоа на хиерархијата на нашето општество.
За да ги следите настаните во реално време кликнете на овој линк.