Бектеши: Нема потреба од паника, храна ќе има доволно

Сподели

 

Нема да има притисок врз цените на основните прехранбени производи, земјата има задоволително ниво на залихи на прехранбени производи и нафтени деривати во стоковите резерви. Нема место за паника кај граѓаните, не се очекуваат ценовни шокови, кажа министерот за економија Крешник Бектеши, по повод Одлуката за замрзнување на маржите на основните прехранбени производи која стапи на сила од денеска 1 март.

Министерот информираше дека нема паника кај граѓаните за недостаток на производи, но дека изминатиот викенд и во текот на вчерашниот ден утврдено е дека дел од трговците сами ги повлекле залихите на производи од полиците, за денеска да ги стават на рафтовите со нови цени.

 

 

„Тоа целосно е утврдено од страна на надлежните институции и ние нема да дозволиме тоа да се случи и се да се шпекулира и да се манипулира со зголемување на трошоците за граѓаните и затоа сите овие трговци ќе бидат санкционирани и ќе бидат дополнително контролирани“ кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека во моментов нема потреба да се стават во функција стоковите резерви со оглед на тоа што производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви, рече министерот Бектеши.

„Апелирам до сите трговци да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи зашто од неа, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата“ кажа Бектеши.

Бектеши исто така информираше дека согласно анализите руско-украинскиот конфликт директно не би влијаел врз македонската економија, имајќи ја предвид трговската размена.

„Кризата индиректно може да влијае, посебно во делот на енергенсите зашто директно сме поврзани со над 70 отсто од трговската размена со ЕУ, но ги преземаме сите соодветни мерки на дневна основа за да нема ценовни шокови, посебно за клучните производи кои се најважни за потрошувачите и нашите граѓани“ кажа Бектеши.

Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи во сила денеска, а минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија. Со тоа, престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.

Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.

Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.

Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.