Најопасна од сите видови власт е власта во заминување, вели Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, во колумна со наслов „Државниот удар на ранетиот ѕвер“ за „Нова ТВ“.
За Арифи не постои друг начин на толкување на чистката што в.д. претседателката на Основен суд Скопје 1 ја направи преку последната прераспределба на судиите во овој суд. Таков напад врз најважните органи на правосудството на една земја не е само обичен државен удар ниту, пак, е само обид да се задржи што е можно подолго ослабената власт, туку е негирање на целосното постоење на една земја како демократска држава, смета Арифи.
Според неа, ова е обид да му се затворат сите порти на правдата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и целосно да се оневозможи кое било негово обвинение или истрага да дочека обелоденување преку фер и непристрасно судење.
– Додека потенцијалните коалициони партнери на идната влада си разменуваат мислења и забелешки околу закон, кој, впрочем, се знае како и каде се подготвува во нормални земји и во нормални демократии, во околината се случуваат загрижувачки работи. Пратеник од новото не докрај конституирано Собрание станува цел на физички напад, блиски роднини на други поранешни пратеници или функционери ненадејно стануваат осомничени за тешки дела, трговците, еснафот и граѓаните на „одметнатите“ градоначалници стануваат таргет на сè поинтензивните претстави на покажување моќ и сила и на праќање пораки да бидат претпазливи со кого „се закачуваат“ и што може да ги снајде – пишува Арифи и заклучува дека „времето чини многу“, а дека секој миг што нè држи далеку од долго очекуваната слобода е директно вложување во понатамошното траење на ропството, кое „не може да се оправда на ниту еден јазик“.
Нова ТВ, Текстот во целост прочитајте го тука