Во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно” денеска се одржа официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки воени и државни почести.
По свечената церемонија, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.
На средбата со претседателот на Република Бугарија Румен Радев, претседателот Пендаровски изрази цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Република Бугарија. Двајцата претседатели истакнаа дека заеднички ќе се заложуваат во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот со цел негова забрзана интеграција во евроатлантските структури. На тој план, претседателот Пендаровски изрази очекување дека поддршката од Република Бугарија ќе продолжи и во иднина.
На средбата со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија ќе продолжи да ја гради меѓусебната доверба со Република Албанија и дека македонското членство во НАТО ќе биде од суштинско значење за безбедноста, мирот и просперитетот на целиот регион.
Претходно, во Собранието на Република Северна Македонија, а по повод инаугурирањето на функцијата Претседател, претседателот Пендаровски оствари средба и со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Двајцата претседатели изразија уверување дека билатералните односи меѓу двете земји и натаму ќе се зајакнуваат и дека заеднички ќе придонесат во интензивирање на севкупната соработка на сите полиња од заеднички интерес.
Тројцата претседатели на претседателот Стево Пендаровски му упатија срдечни честитки за изборот и му посакаа успешно извршување на функцијата Претседател.
Претходно, во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Катругалос. На средбата, шефот на грчката дипломатија му упати честитки на новоизбраниот Претседател и му посака успех во вршењето на должноста. Двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошно унапредување на севкупните односи и политичката клима меѓу двете држави.
Претседателот Пендаровски денеска во Кабинетот на Претседателот оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.
На средбите со странските државници, новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се заблагодари за упатените честитки и укажаната чест и изрази надеж дека Република Северна Македонија во периодот што следи ќе прерасне во вистинска модерна европска демократија и рамноправен партнер на земјите членки на НАТО и ЕУ.