Битиќи на „Копаоник бизнис форум“

Сподели

Најголемата пречка за развојот на Западен Балкан не е економијата – туку длабоко вкоренетите предрасуди и отпорот кон соработка. Затоа вистинскиот напредок бара не само реформи во политиките, туку и промена на менталитетот, во насока на прифаќање на регионалната соработка како можност, а не како компромитирање на било кој идентитет – ова е една од пораките кои ги упатив на панелот “Западен Балкан: Одржлива регионална соработка“, кој се одржа во рамки на годинешниот „Копаоник бизнис форум“ во Србија.

Ја истакнав и важност на нов, вредносен пристап во регионалната соработка, кој ќе ги надмина старите модели на меѓусебно ривалство, а тоа е прифаќањето на регионалната конкурентност наместо регионална конкуренција.

Ниту една земја во нашиот регион не може самостојно да се спротивстави на глобалните економски притисоци. Но, заедно, можеме да изградиме силен и конкурентен економски блок кој привлекува инвестиции, кои ги зајакнува индустриите и обезбедува долгорочен економски раст. Ова значи дека треба да градиме односи на меѓузависност, а не на зависност, меѓу државите од Западен Балкан.

Колку подолго бегаме од соработката, толку подалеку ќе бидеме од напредокот и ЕУ. Кој се плаши од соработка, се плаши од иднината – а младите немаат повеќе време за нашите стравови! – изјави Фатмир Битиќи  во своето обраќање на панелот „Западниот Балкан: Одржлива регионална соработка“, на годинешниот „Копаоник бизнис форум“ во Србија.