Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, во интервју за Локално.мк на прашање за тоа каков изборен процес очекува, потенцираше дека МВР има капацитет да спроведе мирни претседателски и парламентарни избори.
„Апсолутно. На почетокот од мандатот истакнав дека спроведувањето на европски избори е одраз на нашата зрелост како демократско општество. За мене и мојот тим тоа е доказ за нашата посветеност кон демократските вредности и нашиот напредок кон Европската Унија. Затоа, сите наши напори се фокусирани кон спроведување на фер, слободни и демократски избори, по европски терк. Очекувам и работиме кон тоа, изборниот процес да биде транспарентен, фер и демократски, со целосно почитување на правата и слободите на граѓаните. Министерството за внатрешни работи е цврсто посветено на гарантирање на безбедна и мирна атмосфера за одржување на претседателските и парламентарните избори”, рече Бојмацалиев, додавајќи дека соработката со сите релевантни институции е од врвен приоритет.
„Соработката со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, и другите институции вклучени во изборниот процес е клучна и ќе продолжиме да работиме во координација со нив за да гарантираме дека сите аспекти на изборниот процес се спроведуваат во согласност со законот и демократските стандарди.
Со организацијата на локалните избори во 2017 и 2021 година, референдумот во 2018 година, претседателските избори во 2019 година, и парламентарните избори во 2020 година беа поставени стандарди кои целиме да ги надминеме. Секако, ова го потврдувам и на средбите со амбасадорите кои ги одржувам во Министерството за внатрешни работи”, истакна Бојмацалиев, со уверување дека со одговорна и професионална работа, Министерството за внатрешни работи е способно да обезбеди услови за мирно и непречено одвивање на изборниот процес.
„Нашата главна цел е да овозможиме сите граѓани да го искористат своето право на гласање без страв и притисоци, без говор на омраза, лажни вести и дезинформации и секако вработените да не подлегнуваат на уцени и притисоци”, подвлече Бојмацалиев.