Основниот кривичен суд Скопје денеска ја изрече пресудата за судскиот случај „Меѓународен сојуз“.
Судот досуди три затворски казни: Бојан Јовановски (Боки-13) е осуден на 9 години затворска казна за делата измама и перење пари, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ доби казна-затвор од 4 години за помагање на двете дела и една година затвор доби и Христина Блажевска како соработничка на Боки-13.
Ослободителна пресуда судот изрече на Фросина Ременски, која беше обвинета за помагање во делото измама. Судот пресуди дека обвинителството за неа не успеало да го докаже делото по кое таа се товареше.
Таткото на Боки-13, Миле Јовановски доби условна казна од 2 години затвор, која нема да биде извршена доколку во наредните 5 години не стори ново кривично дело.
Како правно лице, Меѓународниот сојуз е прогласен за виновен и ќе треба да плати парична казна од 1 милион денари. Судот пресуди и конфискација на имотната корист стекната или употребена за кривично дело.
Пресудата не е правосилна, а осудените лица имаат право да поднесат жалба до Апелациониот суд Скопје по изнесената пресуда.
Судскиот случај „Меѓународен сојуз“ се водеше врз основа на обвинението за измама и перење пари на околу 1 милион евра, кои биле земени од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски.