Коле Чашуле во, сега веќе, далечната 2000 година, објави книга со свои колумни насловена „Болно племе“. Неговиот наслов, фактички беше преземен од книгата Pueblo enfermo (Болно племе; прво издание 1909, второ издание 1959) на боливискиот писател Алсидес Аргедас (Alciedes Arguedas), кој направил оглед на историските факти од Боливија на еден публицистички начин. Во предговорот боливискиот писател вели дека во Боливија има „народ… кој нема своја историја. Затоа што, кога би ја знаел сопствената историја поинаков би бил неговиот критериум и подруга неговата дејност во јавниот живот… Тој народ денес е дезорентиран, не знае на каде оди.“ Чашуле, врз основа на боливиските состојби влече паралели и презентира свои контемплатитивни опсервации со македонската историја и современа опстојба.
Поминаа шеснаесет години од објавувањето на книгата на Коле Чашуле, и по сè што проживеавме во нив, по враќањето на фашизмот и врховизмот на „голема врата“ во Македонија, по искривоколченото толкување и труење со историјата, повторно, нужно и со полно право, можеме да зборуваме за себе како за болно племе, за причините и манифестациите на болеста и за дијагнозите и начините на лекување. Впрочем, нашиот умен академик Ферид Мухиќ, во неговата „Прамен волна“ мудрува, како и секогаш – исправо и плодотворно, дека „загрозени однадвор, еден човек или една држава се нападнати; загрозени однатре, човекот, како и државата се болни; загрозени од самите себе, и човекот и државата се полудени…“ Тука сме ние некаде.
Сè започна кога еден мафијашко-врховистички дел од болното племе организираше „демократско востание“ со лажно-перверзен наслов: „Преродба во сто чекори“, и успеа да се дограби до власта и сите ресурси во државата. Набрзо се покажа дека „востанието“, не само што немаше врска со било каква преродба, туку дека беше насочено против здравиот разум, македонската држава и нормалното живеење. Главната „ударна тупаница“, или некој вид „елитна единица“, на портокаловото востание бешe „медиумската бригада“ на морално и ментално сакатите „интелектуалци“ и „новинари“, кои ги запоседнаа институциите и медиумите и започнаа „крстоносен поход“ против здравите и нормалните. Во таа перална на мозоци, во десетте години кои следуваа, како мелено месо беа сомелени и здравиот разум, и моралните норми, и вистината, и чесноста, и добрината, и патриотизмот, и достоинството, и статистиката, и математиката…
„Востанието на болните“ беше замислено како „борба којa тече и не запира“, па се влегуваше во „демократски“ избори, скоро, секоја година, се применуваше перманентна изборна кампање и се произведуваше – парламентарен кретенизам (што, попатно кажано, е синтагма на одамна и нашироко прохибираниот Фридрих Енгелс) и руинирани, од партизација и дилетантство, државни институции. Портокаловите шизофрени вампири, кои се појавија како последица од болеста, започнаа да ја цицаат крвта, енергијата, парите, храната, земјата од своите комшии, пријатели, познаници… Едноставно, осиромашувањето и пропаѓањето на земјата и луѓето во неа, нив ги правеше живи, ги јакнеше, ги носеше во екстаза.
Всушност, поедноставено и еуфемистички кажано, болеста предизвика комплетна вмроизацијата на општетвото и на менталниот склоп на одреден, доста голем број, поединци. И тука, во овој контекст, треба да се каже дека погледот врз сопствениот народ како кон едно „болно племе“ е премногу трауматичен и оној кој пишува за тоа неизмерно многу страда додека пишува, бидејќи во тој процес открива дека „болеста“ ниту е лесно препознатлива, ниту е лесно излечлива. И згора на ова, нему неодминливата субјективност му оневозможува лесно да дојде до валидна дијагноза, или до мерки за соодветно лекување. Сакам да кажам дека за да се гледа и проучува портокаловата патологија на болниот мозок, мора да постои набљудувачка дистанца. Тоа значи, со болеста може да се „расправа“ само некој што не бил во допир со неа, или, евентуално, оној кој ја „прележал“ и го стекнал нужниот имунитет.
(продолжува)