Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска изјави дека нема да биде кандидат за претседател на влада која би ја формирала неговата партија ГЕРБ.
Бојко Борисов, нема да се кандидира за премиерската функција и има намера да предложи кандидат за претседател на идната влада на земјата кој има јасна европска и НАТО ориентација, пренесе Дојче веле.
Ваквата изјава Борисов денеска ја даде во текот на посетата на Велико Трново. Името на кандидатот кој го има предвид не сакаше да го каже и нагласи дека тоа ќе биде објавено откако партијата ГЕРБ ќе го добие мандатот за влада.
„Не е во ред и јас како Радев да ја делам нацијата на два дела. Јас ќе предложам друг премиер со многу европска, натовска ориентација“, рече Борисов пред новинарите и додаде дека за формирање влада, согласно Уставот, има една недела време.
Борисов информираше дека во предлогот за новата влада ќе има и стари и нови министри и ги повика сите партии во парламентот на одговорност.
Новиот состав на бугарскиот парламент би требало да се состане утре. На парламентарните избори во Бугарија паријата на Борисов, ГЕРБ, освои 26% од гласовите, односно 75 од вкупно 240 пратенички места. Во парламентот влегоа шест партии, меѓу кои и три протестни партии, кои заедно имаат 92 пратенички места. Доколку на ГЕРБ не ѝ успее да состави влада, претседателот на Бугарија, Румен Радев, ќе треба да ѝ даде мандат на втората по јачина политичка сила. Тоа би била протестната партија „Има таков народ“ на телевизискиот водител, кабаретист и поп-фолк ѕвезда Слави Трифонов.