Белгиски истражен судија условно го ослободи поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон и четворица министри од неговата сменета влада, а тие пред белгискиот суд треба да се појават во наредните 15 дена, соопшти денеска белгиското обвинителство.
Карлес Пучдемон и четворица министри денеска се пуштени на условна слобода, но не смеат да ја напуштат Белгија, соопштија белгиски официјални лица. Белгиските власти ги сослушаа каталонските сменети функционери кои доброволно се предадоа вчера, ден откако Шпанија издаде европска потерница за нивно апсење. Пучдемон и соработниците мора да се појават пред судот кој ќе го разгледува барањето на Шпанија за нивно израчување.
Тој и министрите се бараат по обвинение за бунт, поттикнување на бунт, злоупотреба на јавни средства, непослушност и нарушување на довербата. Освен Пуџдемон, на белгиските власти се предале и поранешните каталонски министри за земјоделие, здравство, култура и образование.