Во британскиот Врховен суд денеска почнува постапката што ја покрена владата во Лондон против пресудата на Вишиот суд, со која се наложи отворањето на процесот Брегзит да биде во содејство со Парламентот, пренесува МИА.
Сослушувањето на аргументите против ваквата пресуда треба да траат најмногу четири денови, а својата одлука Врховниот суд ќе ја соопшти во текот на јануари.
Целиот процес и конечното решение на судот ќе влијаат врз определувањето на стратегијата на владата на премиерката Тереза Меј, за тоа какво ќе биде излегувањето од ЕУ.
На 23 јуни, Британците на референдум, со мало мнозинство од 51,9 „за“ и 48,1 отсто „против“ гласаа за напуштањето на ЕУ, по 43 години членство во Унијата.
Премиерката Меј подоцна најави дека формалното раздружување на Британија од ЕУ, ќе почне до март идната година и треба да трае две години, според условите што владата во Лондон самата ќе ги определи.
Таквото решение наиде на противење на бројни правни експерти кои објаснуваа дека владата нема право да го заобиколи Парламентот, за едно вакво крупно прашање кое ја определува иднината на земјата, но и на нејзините жители.
Владата на Меј, а посебно тврдата антиевропска десница во владеачката Конзервативна партија, инсистира дека таа има добиено „мандат од гласачите“ за да се напушти Унијата и тоа сега е работа само на министроте.
Група правници, предводени од активистите на Џина Милер, меѓутоа, покренаа процес пред лондонскиот Виш суд , барајќи мислење на судот за владината одлука.
Нивниот аргумент е дека целосното преземање на Брегзит од страна владата и министрите е повреда на човековите слободи на лугето и дезавуирање на Парламентот.
Судот одлучи против владината намера, самата да ја определи и води постапката за раздружување и наложи прцесот на Брегзит и покренувањето на членот 50 од Лисабонската спогодба, да почне со претходна согласност и одобрување од Парламентот.
Владата и политичарите кои ја водеа кампањата за Брегзит остро реагираа на судската одлука и најавија дека „сигурно“ ќе ја соборат првичната пресуда пред Врховнот суд.
Тоа покрена одново силна антиевропска кампања во таблоидите во Лондон кои и ја предводеа кампањата за Брегзит, во која тројцата судии на Вишиот суд беа дисквалификувани и означени како „непријатели на народот“.
Опозициските лабуристи најавуваат дека ќе поднесат амандамани на постапката за Брегзит, ако се најде пред Парламентот , но уверуваат дека нема да ја блокираат постапката за излегување од ЕУ.