Бугарскиот премиер Кирил Петков договорил достава на течен гас од САД за Бугарија по цени пониски од оние на „Газпром“, соопшти Службата на информирање на бугарската влада по средбата на Петков со американската заменик-претседателка Камала Харис. Доставата ќе почне во јуни, а засега нема информации за конкретните цени и обемот на доставата, пренесува бугарски „Медиапул“.
На 27 април, Газпром ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска затоа што одбија да платат во рубљи на „Газпром банк“. Останатите членки на ЕУ исто така одбиваат да плаќаат во рубљи, но за нив Русија досега не ја прикинала испораката на гас преку гасоводите.
Бугарија годишно троши околу 3 милијарди кубни метри гас, од кои над 90 отсто доаѓа од Русија. „Газпром“ во моментов покрива околу 40 отсто од испораките на гас за ЕУ.
Бугарскиот заменик-министер за економија Георги Данаилов коментира дека активностите за идејата за алтернативна достава на течен природен гас од САД почнале уште во февруари.