Бугарскиот „Дневник“ вчера извести дека Бугарија е единствената држава која го блокира важниот договор за гранично управување меѓу Македонија и европската служба за безбедност, поради „македонскиот јазик“, повикувајќи се на изјава на портпаролот на Европската комисија, пренесува Мета.мк.
„Договорот со Фронтекс е втората тема за која Бугарија поставува пречка за Македонија на европско ниво. Првата е почетокот на преговорите на Скопје со ЕУ, условен со напредок во однос на спорните прашања од историјата, употребата на „македонски јазик“ и теми како што е македонското малцинство кое Северна Македонија има обврска да не го промовира и поддржува според Договорот за добрососедство“ пишува Дневник.бг.
Исто така, во рамковната позиција на Бугарија се бара Северна Македонија да се воздржи од употребата на изразот „македонски јазик“, чие постоење Софија не го признава.
Инаку станува збор за договор за кој разговорите се почнати во јули 2018 година, а истиот му овозможува на Фронтекс да спроведува операции и да испраќа свои тимови во граничните региони на ЕУ со цел справување со нелегалната миграција.