Бугарија: Либерализацијата на железничкиот превоз донесе корист за компаниите и граѓаните

Сподели

 

Железничкиот сектор во Бугарија веќе неколку години наназад функционира со либерализиран пазар. Наместо еден железнички превозник како што е случајот со Македонија, нашиот источен сосед во 2018 година имал дури 15 лиценцирани превозници. Во патничкиот превоз функционира единствено „Бугарската државна железница (БДЖ) – патнички превоз“, додека повеќе од половина од товарниот транспорт го реализираат приватни железнички компании.

Бугарскиот професор Симеон Ананиев, кој воедно е и претседател на Асоцијацијата на бугарските железнички превозници, за „Мета.мк“ посочува дека либерализацијата во железничкиот сектор донела позитивно влијание за развојот на економијата. Компаниите од земјата самите можат да бираат кој железнички оператор ќе го користат за товарниот транспорт.

Државниот оператор за товарен транспорт во Бугарија има локомотиви и вагони стари над 30 години. Наспроти нив, конкурентските железнички превозници („ПИМК“, „Булмаркет“, „ДБ Шенкер“ и други) веќе имаат набавено нови локомотиви и модерни вагони за превоз на разни видови товар.

– Ако „БДЖ – товарен транспорт“ прекине со работа, бизнисот тоа нема да го почувствува – вели професорот Ананиев.

Државниот железнички оператор во 2018 година успеал да собере само 49,41 отсто од приходите во товарниот железнички сообраќај во Бугарија. Најголем дел од приходите од инфраструктурната такса на бугарската компанија за одржување на железничката инфраструктура ги добива од патничкиот железнички сообраќај. И покрај ова, германскиот нискобуџетен железнички оператор „Фликстрејн“ лани најави дека ќе влезе како конкуренција на „БДЖ“ во патничкиот железнички сообраќај во Бугарија, доколку државата им даде дел од субвенциите за одржување на патничките линии низ земјата.

Благодарејќи на либерализацијата на железничкиот пазар, Бугарија успеала да го стабилизира континуираното намалување на превозот на товар со возовите низ годините. Наспроти ова, државната железница изгубила околу 12 милиони патници во патничкиот превоз за период од само една деценија, бројка која што продолжува да оди надолу.

Професорот Симеон Ананиев посочува дека интересот за железничкиот сообраќај во Бугарија генерално опаѓа, а спасот од ваквиот негативен тренд го гледа единствено во реформите, стручноста и политичката волја. Тој додава дека железничките компании не треба да се делат на приватни и државни, бидејќи токму во Бугарија државните железнички компании „Дојче бан“ од Германија и „Рејл карго“ од Австрија имаат добиено лиценци за превоз на товар. За разлика од балканските железници, на чело на овие компании не се поставени политички апаратчици.

– Шефовите на државните железници во нашите земји се како сите политички назначени шефови без менаџерски конкурси како што е во Европа, но се партиско – роднински назначени без знаења и вештини – нагласува професорот Ананиев.

Во однос на состојбата во Македонија, овој бугарски експерт од областа на транспортот вели дека државата не треба да го чека влезот во Европската Унија за да ги спроведе мерките за либерализација во железничкиот сектор. Треба конзистентна и континуирана работа, бидејќи ќе биде многу доцна ако државата го чека влезот во ЕУ за овој чекор.

– Ние ги започнавме промените со усвојувањето на Законот за железнички транспорт во 2001 година, кој де-факто го преструктурираше железничкиот сектор во согласност со правилата на ЕУ – посочува Ананиев.

Македонското министерство за транспорт и врски до средината на 2020 година ќе ја чека анализата на консултантот за преструктурирање на Железници на РСМ – Транспорт, документ што веќе доцни со изработка. Воедно, официјалниот став на државата во моментов е дека либерализацијата во железничкиот транспорт би се дозволила кога Македонија ќе постане земја – членка на ЕУ.

 

meta.mk