Германскиот парламент синоќа ја изгласа Резолуцијата за поддршка на Северна Македонија.
„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача државната министерка во германското МНР, Ана Лирман која го претстави предлогот пред пратениците, пренесува Дојче Веле .
Лирман додаде дека „Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија.
На самиот почеток на резолуцијата се наведува: „Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската нија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Јазичната различност се практикува во повеќејазичноста во програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа различност. Европската унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи“./DW